Вака македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски го коментира инцидентот во галерија во солунската општина Каламариа, во која беше изложена неговата изложба „Неизложени дела на хартија“, каде што минатата недела упаднаа група членови на криминалната организација „Златна зора“
Политиката, како и многу пати досега, се обиде да ја победи уметноста. Немам потреба да ја употребувам политиката како средство за лична афирмација оти и без тоа, мојата уметност го има обиколено целиот свет.
Вака македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски го коментира инцидентот во галерија во солунската општина Каламариа, во која беше изложена неговата изложба „Неизложени дела на хартија“, каде што минатата недела упаднаа група членови на криминалната организација „Златна зора“.
„Доволни се моите потези, тие се повозбудливи, позвучни, помоќни. Затоа сакам веднаш да го заборавам инцидентот, бидејќи сето останато поврзано со изложбата беше убаво чувство – гостопримството од страна на организаторите, општината Каламариа, секојдневните средби со посетителите, колегите уметници, вклучувајќи ја и средбата со претставниците на грчките органи за јавна безбедност“,
вели Андреевски во пишана изјава за медиумите.

Фото: Сашо Димовски
Меѓу останатото, Андреевски изрази благодарност за поддршката што ја добил од своите колеги, од граѓаните, но и од македонското Министерство за надворешни работи, а особено од македонскиот генерален конзул во Солун, Дејан Ѓучиќ, кој, како што вели, направил сѐ за тој и неговата сопруга да се чувствуваат безбедно.
„Да се биде творец денес, во сопствен свет, со личен ракопис, или да се живее сопствениот сон со потези широко насочени кон светот, не е едноставно. Живееме во време на пандемии, војни, економски турбуленции и воопшто, преструктурирање на планетата Земја. Сите сме помалку или повеќе вклучени во промените. Сето ова, особено нè засега нас, уметниците. Нам ни треба свет без граници, луѓе без вардели. Со мојата уметност отсекогаш трагав по нови, неоткриени предели за да прозвучат нивните убавини преку моите слики“,
додава Андреевски.
Минатата недела група членови на криминалната група „Златна зора“ со маски на лицата, капи и качулки упаднаа во галеријата на солунската општина Каламариа, каде што беше во тек изложбата „Неизложени дела на хартија“ на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски.
Членови на „Златна зора“ во периодот од 2012 до 2019 година беа дел од грчкиот парламент, но во 2020 година со судска пресуда, партијата е прогласена за криминална организација, а нејзиното раководство, поранешни пратеници и членови издржуваат затворски казни.
По упадот во галеријата, грчките власти соопштија дека Грција нема да толерира беззаконие, заплашување на граѓаните ниту, пак, нацистички паравоени групи – термин кој во Грција се користи за организираните групи на „Златна зора“.
Во врска со инцидентот реагираа и од македонското Министерство за надворешни работи (МНР), од каде што информраа дека ја повикале грчката амбасадорка во земјава, Софија Филипиду, на која ѝ биле упатени очекувањата дека ќе бидат преземени сите мерки од страна на властите во Грција за откривање на сторителите.
Изложбата „Неизложени дела на хартија“ на македонскиот сликар Сергеј Андреевски беше свечено отворена на 21 април во Солун. На отворањето беа присутни голем број посетители, а уметникот, пренесувајќи ги своите впечатоци, тогаш изјави дека уметноста не познава граници и дека нејзиниот јазик е универзален.