Премиерот денеска изјави дека набљудуваат неколку групи во Скопје и во неколку други градови во државата, кои, како што рече, имаат своја логистика и во затворите, а се занимаваат со тешки форми на криминал
По обвинувањата на пратеничката на СДСМ и ексминистерка за одбрана, Славјанка Петровска, дека инволвираните во убиството на Васил Е. кај ТЦ „Мавровка“ се бегалци од затвор кои и покрај распишана потерница полицијата повеќе од 30 дена не можела да ги пронајде, сè до убиството, премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека тие биле избегани, но во времето кога СДСМ бил дел од Владата.
„Па да, избегани биле кога СДСМ бил дел од Владата и раководните структури на владата на СДСМ и ДУИ. Но, она што е важно е дека е загубен човечки живот, а криминалците се фатени и изведени пред лицето на правдата“,
изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по денешната посета на Агенцијата за катастар на недвижности во Општина Гази Баба.
Коментирајќи ги обвинувањата на опозицијата за случајот, Мицкоски кажа дека постојат политички глодари кои мислат дека на таков начин ќе спечалат политички поени.
„Но, жалам што таков тип на политички глодари не го гледаат минатото и не гледаат што оставија и што правеа додека беа тие во владата и што всушност ние денеска мораме да поразиме, а кое е, би рекол, наследство од тоа време кога СДСМ и ДУИ беа во влада“,
рече премиерот.
Тој порача дека секој оној што мисли да се занимава со криминал ќе биде фатен и испратен онаму каде што му е местото, зад решетки.
„Мора професијата криминалци и криминал да ја направиме неисплатлива, ако сакаме да се ослободиме од криминалците и криминалот, без разлика дали станува збор за вакви безочни убијци, дали станува збор за политички криминалци, дали станува збор за друг тип на криминал и корупција. Ние мораме како влада и како држава сериозно да се занимавме со битката против вакви елементи и ваквото девијантно однесување и тоа е мој личен приоритет“,
изјави премиерот.
Говорејќи во таа насока, тој рече дека набљудуваат неколку групи и во Скопје и во неколку други градови во државата, кои, како што рече, имаат своја логистика и во затворите, а се занимаваат со тешки форми на криминал.
„Но ќе се бориме и ќе победиме. Треба на сите да им е јасно, не се само тие, набљудуваме уште неколку групи и овде во Скопје и во неколку други градови низ цела Македонија. Овде идентификуваме неколку групи кои за жал имаат своја логистика и во неколку од затворите, коишто се занимаваат со изнуда со тероризам, со рекетирање, со тежок облик на криминал, точно ги знаеме кои се, и очекувам многу скоро и за нив бавењето со криминал да биде неисплатлива професија“,
порача премиерот.
Инаку, вчера од Министерството за внатрешни работи за „360 степени“ потврдија дека и првоосомничениот за убиството кај „Мавровка“ и лицето за кое постојат сомневања дека му помагало, а чија инволвираност во настанот сè уште се испитува, се бегалци од затвор.
Првоосомничениот за убиството на Васил Е., 39-годишниот Е. К., кому вчера Кривичниот суд му одреди 30-дневен притвор, бил затвореник во „Идризово“. Оттаму побегнал на 15 април годинава. Во моментот на неговото бегство директор на затворот е Зоран Јовановски, кој е сè уште на оваа позиција.
Лицето А. К., кое завчера само ѝ се предаде на полицијата, како што информираат од МВР, престојувал во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, а оттаму избегал пред точно еден месец, на 22 јули годинава. Неговото бегство се случило во период кога со затворот „Скопје“ сè уште раководел Филип Андов-Сокол. Актуелниот в.д. директор Бобан Утковски е назначен на функцијата два дена по бегството на А. К.
Инаку, двајцата бегалци се барале по централна потерница распишана од МВР на денот на нивното бегство.
Ексминистерката и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, во настап за ТВ 21 во средата, го оцени за симптоматично тоа што МВР не ги објавило иницијалите на осомничените за убиството.
„Дали МВР не ги соопштува иницијалите на уапсените ниту на тој по којшто се трага затоа што можеби тоа се луѓе кои се затвореници, кои наместо да бидат во затвор се на улица, а по кои МВР имало распишано потерница, но по повеќе од 30 дена не можеле да ги најде. За жал, требаше да се случи убиство во центарот на Скопје за едниот од нив да биде приведен, а за другиот допрва да се организира акција за негово пронаоѓање“,
рече Петровска на 21 август 2024 г.
Еден ден претходно премиерот Мицкоски најави дека ќе поднесе тужба против пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, по нејзината изјава оти тој ги одобрувал криминалните престрелки што се случуваат во главниот град. Мицкоски оцени дека не е првпат, а се сомнева дека е и последен, како Петровска му нанела удар нему, а со тоа и на неговото семејство на, како што рече, подмолен начин со многу лаги, измислици и конструкции.
Пратеничката и ексминистрека за одбрана, пак, изјави дека се радува на тужбата што е најавена и оти едвај чека да ја види и да се соочат со премиерот на суд бидејќи, како што кажа, има аргументи за сè што напишала и што говори.