Во поликлиниката во населбата Шуто Оризари ќе почне со работа гинеколошката ординација која ќе опслужува околу 20 илјади пациентки, според проценките на Министерството за здравство. На гинекологот што се согласил тука да регистрира приватна здравствена установа ќе му помага медицинска сестра од населбата. Министерот Венко Филипче изјави дека во изминатите неколку месеци успеале да ја опремат ординацијата со најсовремени апарати и специјалистичка опрема, во вредност од 30 илјади евра.
„Денеска можеме да одбележиме еден навистина значаен настан, нешто што ќе значи многу полесен пристап кон здравствена заштита, секако и подигање на квалитетот, тоа е отворањето на гинеколошка ординација во населбата Шуто Оризари. Со ова, на близу 20 илјади жени коишто живеат во оваа населба, ќе им се овозможи пристап до гинеколошка здравствена заштита, рана дијагноза на одредени болести, редовни прегледи и сѐ тоа што значи квалитетна здравствен услуга во делот на специјалноста“,
изјави Филипче.
Во наредните денови се очекува да почнат со работа и општи матични лекари за жителите на Шуто Оризари.
„Сметам дека ова заедно со тоа што следува во следните 10-14 дена, а тоа е уште една поликлиника, која веќе го зеде под закуп просторот за матични лекари, имаше шест неуспешни обиди, и овој седмиот една поликлиника се пријави и ќе има два дополнителни тимови кои ќе бидат матични лекари и кои ќе може да им бидат на располагање на сите жители од оваа населба“,
додаде Филипче.
Градоначалникот Курто Дудуш , пак, најави дека наскоро ќе има и бесплатен паркинг во кругот на поликлиниката, каде што сега приватници наплаќаат без фискални сметки.
Проблемот со матичните лекари во оваа населба е одамна и според проценки на невладиниот сектор повеќе од 5 000 жители на Шуто Оризари се принудени да гравитираат во други општини и да молат некој доктор да ги прими. Почнувајќи од 2015 па сѐ до 2020 година, Министерството за здравство има распишано шест огласи за издавање ординации по општа медицина за матични лекар, но на ниту еден оглас не беше пријавен лекар за работа.