Премиерот Зоран Заев вели дека во иницијативата за унапредување на регионалната соработка со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Албанија, Ед Рама, поканата е отворена и за останатите три земји од Западен Балкан (Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово).
Тој вели дека некои од овие земји се подготвени да се приклучат во дел од планираните соработки, додека во друг дел не се, а на следниот состанок кој треба да се одржи со физичко присуство крајот на јули во Скопје, ќе бидат поканети и лидерите од овие три земји.
„Трите земји сме фокусирани на многу заеднички олеснувања на животот на граѓаните и стопанството и веруваме во тоа кое може да биде само нешто плус. Кој сака да се приклучи ќе има можност да се приклучи. Како што објавивме следната средба ќе биде со физичко присуство токму во Скопје. Ќе бидеме јас, претседателот на Србија и премиерот на Албанија, а покани ќе имаат и другите. Се надеваме дека за прашањата за кои ќе дискутираме ќе има и некоја друга земја која ќе сака да се вклучи. Тоа е оставено отворено и верувам дека во иднина за поголем број од прашањата кои ги дискутираме ќе бидат вклучени најголем дел од шесте земји за поголем дел од прашањата за кои разговараме, потпишуваме меморандуми, договори и спогодби затоа што тоа го олеснува животот“,
рече Заев.