Легендарниот пејач на „Парни ваљак“, кој ненадејно почина во саботата на 66-годишна возраст денеска беше погребан во Загреб
Семејството, пријателите и колегите музичари денеска на гробиштата Мирогој во Загреб се простија од Аки Рахимовски, легендарниот пејач на „Парни ваљак“, кој ненадејно почина во саботата на 66-годишна возраст.
На последното испраќање на регионалната музичка икона, од него се простија колегите од бендот, неговиот син Кики и неговата ќерка Дина, кој имаше емотивно обраќање до покојниот татко.
Ковчегот на Аки Рахимовски беше покриен со македонското знаме.
Вчера, на Градскиот плоштад во Скопје музички и медиумски работници, како и голем број скопјани во текот на денот му оддаваа последна почит.
Кај тревникот на плоштадот попладнето беше поставен билборд со фотографија од Аки и беше отворена книга на жалост каде граѓаните оставаат пораки, положуваат цвеќе и палат свеќи додека се слушаат и пеат хитовите што тој ги отпеа заедно со групата „Парни Ваљак“.
Александар (Аки) Рахимовски е роден во Ниш на 5 јуни 1955 година, но за брзо време се преселил во Скопје. Неговиот татко бил музички професор со што на седум години тој започнал да учи во музичко училиште за клавир и пеење.
Како тинејџер бил член на неколку состави меѓу кои се групите „Вакуум“, „Крвна браќа“ и „Тор“ со кој настапил на фестивалот во Загреб во 1975 година. Потоа, во соработка со менаџерот Владимир Михаљек – Мих го формираат првиот состав на „Парни валјак“. Тој беше фронтмен на оваа група повеќе од четири децении во кои сними десетици албуми и одржа низа концерти на просторите на поранешна Југославија. Зад себе остави хитови со кои раснеа многу генерации.