Донесувањето на Законот за јавно обвинителство – тема на разговор меѓу лидерите од Европската Унија и од Западен Балкан, пред почетокот на неформална вечера што ја организира претседателот на Европски совет Шарл Мишел.
Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел изрази задоволство од одлуките на македонскиот парламент и усвојувањето на Законот за јавно обвинителство.
„Законот е уште еден важен чекор за имплементација на реформите и покажува дека државата има волја да направи сè што е потребно за да има европска перспектива“,
посочи Борел.

Шефицата на Европската комисија, пак, Урсула фон дер Лајен, истакна дека Западен Балкан е поблиску до Европска Унија и дека новата методологија треба да ги забрза структурните реформи.
„Од друга страна, создаваме одлична перспектива за земјите од Западен Балкан со текот на времето земјите да станат членки на ЕУ. Исто така, сакаме да го отвориме патот за Северна Македонија и Албанија да започнат со преговори ако е можно и пред самитот на ЕУ во Загреб. За самиот Самит подготвуваме пакет за инвестирање и искрено се надевам дека ќе се даде зелено светло“,
посочи Фон дер Лајен.

И хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ истакна дека проширувањето на ЕУ е ставено на дневен ред и дека најважно е да се дојде до договор за отпочнување на преговори со Северна Македонија и со Албанија.
Македонскиот министер, пак, Никола Димитров пред вечерата алудираше на слетувањето во главниот град на Белгија и македонските обиди за почеток на преговори со Унијата.
„Кружевме трипати пред да слетаме. Затоа можам тоа да го споредам со нашите обиди да почнеме преговори. Имавме три Европски совети на коишто не можевме да слетаме. Се надевам ќе успееме во четвртиот обид. Јас морам да ја претставувам Северна Македонија наместо претседателот или премиерот“,
порача Димитров.
Усвојувањето на Законот за јавно обвинителство претходно го поздрави и германскиот министер за европски прашања, Мајкл Рот.

„Добри вести од нашите пријатели од Северна Македонија: Парламентот штотуку го усвои двотретинскиот Закон за Јавното обвинителство. Натамошен чекор кон владеењето на правото и европската иднина на Северна Македонија. Сега е на ЕУ конечно да испорача“,
напиша Рот на Твитер.