Министерот вели дека е задоволен од тоа како досега се почитува владината одлука за поевтинување на прехранбените производи од страна на трговците и повторно најави дека од идната недела ќе се намалат за минимум десет проценти и цените на пијалаците

Контролите на инспекторите од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), кои почнаа од вчера, ќе продолжат до крајот на ноември, а секоја недоследност која граѓаните ќе ја забележат, треба да ја пријават во ДПИ, вели министерот за економија Крешник Бектеши.
Министерот вели дека е задоволен од тоа како досега се почитува владината одлука за поевтинување на прехранбените производи од страна на трговците и повторно најави дека од идната недела ќе се намалат за минимум десет проценти и цените на пијалаците.
„Повеќе од задоволен сум од тоа што вчера се случуваше во секторот трговија, посебно од компаниите и сите ланци маркети, но и од производителите и дистрибутерите. До денешниот ден, пред оваа посета, добивме неколку писма од наши производители, генерално на минерална вода, сокови и на светло пиво, кои од наредната недела ќе почнат со намалување на цените од минимум десет отсто, намалување директно од страна на производителите, имајќи предвид дека немаме намера да донесеме некое ограничување во делот на ланците супермаркети платите зашто генерално годинава главниот товар беше врз нив“,
рече Бектеши кој денеска беше во посета на логистичкиот центар на КАМ маркет.
Според Бектеши, нови ограничувања за супермаркетите ќе нема и затоа што некои од нив ги зголемуваат платите, а тоа се пресликува и во објавата на Заводот за статистика, дека е зголемена просечната плата за 14,1 отсто во споредба со јули минатата година.
На прашањето дали Министерството е запознаено со информациите дека производителите на месо не ги доставуваат свежите производи до маркетите за да може да го продаваат во своите продавници без издавање фискална сметка, министерот рече дека Владата носи одлуки кои се задолжителни за секторот трговија, во кој е вклучено и месото.
„Имајќи предвид дека освен задолженија за ланците супермаркети или во делот на малопродажбата, во владината Одлука има задолженија и за добавувачите и производителите. Утрово имавме дополнителна координација со ДПИ кој од вчера попладне веќе вршеше контроли. Во моментот се во тек различни контроли и тоа ќе продолжи до крајот на ноември. Ако граѓаните забележуваат дека вакви работи може да се случуваат, да пријават во Инспекторатот и согласно законските одредби и задолженијата што ги добиле, тие ќе постапат и за нив ќе следи тоа што е предвидено во законските прописи“,
рече Бектеши.
Во однос на намалувањето на добивката која трговците ќе ја имаат по поевтинувањето на производите, од менаџментот на КАМ беше кажано дека пресметките сè уште не се направени.
Одлуката на Владата за намалување на 24 категории основни прехранбени производи кои треба да се продаваат по цени за 10 отсто пониски од оние на 1 август годинава почна да се применува од вчера. Од ДПИ веднаш почнаа со контролите, а директорот Горан Трајковски порача дека ќе се постапува без селекција и дека секој оној што не ја почитува одлуката ќе биде казнет, а доколку има потреба, „ќе има и затворање на објекти“.
Одлуката на Владата ќе важи до 30 ноември, а министерот за економија очекува дека целокупната инфлација во делот на храната ќе се намали за четири до пет отсто до крајот на ноември.
Во врска со вчерашните реакции на трите најголеми стопански комори во земјава по најновите владини одлуки кои, според бизнисот, ја поттикнуваат сивата економија и се лоши за развојот на компаниите, Бектеши рече дека Владата не носи одлуки за лични интереси на одредени членови во Стопанската комора, туку одлуките се за граѓаните и за одреден сектор, вклучувајќи ги трговијата или преработувачката индустрија.
„Сите решенија се донесени низ разговори и во консултација со коморите, над 90 отсто се предлози што произлегуваат од стопанските комори, и во делот на листата на производите и во делот на другите одлуки“,
рече Бектеши.
Во однос на различните ставови, Бектеши рече дека тоа е добро за демократијата, зашто кога има различни ставови, тогаш има и повеќе идеи, дебата, повеќе аргументи, факти. Крајните одлуки, додаде тој, согласно обврските и задолженијата, ги носат институциите надлежни за таа работа, а тоа се Владата и Министерството за економија и тие одлуки се задолжителни.
Според Бектеши, Стопанската комора која најави дека ќе го оспори пред Уставен суд Законот за солидарен данок, тоа и треба да го стори, а освен во Уставниот суд, треба да оди, порача, и во другите надлежни институции.