„Време е западните партнери да преземат одговорност за завршување на војната“, напиша Подољак на Твитер и повика на „затворање на небото“ над Украина
Советникот на украинскиот претседател Михаило Подољак изјави дека е време Западот да ја преземе одговорноста за завршување на војната во Украина со затворање на воздушниот простор над земјата.
„Логиката на оваа војна е акумулација на ракетни и воздушни напади врз цивилната инфраструктура, големите градови и цивилите. Само „затворено небо“ над Украина остро ќе ја запре ескалацијата. Време е западните партнери да преземат одговорност за завршување на војната“,
напиша Подољак на Твитер.
Украина и вчера ја замоли Меѓународната агенција за атомска енергија, да побара помош од НАТО, за да се затвори воздушниот простор над подрачјата каде што се наоѓаат нуклеарните централи. Со тоа би се спречил можен „нуклеарен тероризам“ од страна на Русија, соопшти украинското Министерство за енергетика.
Претседателот Володимир Зеленски, пак, истакна дека „затворањето на небото“ над Украина нема да претставува мешање на земјите од НАТО во војната што ја почна Русија.