Покрај обвинението ОЈО Скопје до Судот доставило и предлог на тројцата да им биде продолжена мерката притвор што претходно им беше определена
Скопското Oсновно јавно обвинителство поднесе обвинителен предлог против таткото и неговите двајца синови кои на почетокот на месецов беа уапсени откако намерно предизвикале пожар на шумско земјиште, сопственост на државата, во атарот на селото Патишка Река во општина Сопиште.
Според обвинителниот предлог поднесен денеска Основниот кривичен Скопје, тројцата осомничени се товарат за кривичното дело предизвикување општа опасност според од член 288 став 1 од Кривичниот законик.
Покрај обвинението, до Судот е доставен предлог на тројцата да им биде продолжена мерката притвор што претходно им беше определена.
На таткото и неговите двајца синови им заканува затворска казна од шест месеци до пет години, како што е предвидено за ова кривично дело во ставот 1 од членот 288 на КЗ.
Според описот на делото за кое се товарат, тие пожарот го предизвикале откако со масло и бензин полеале нискостеблеста шума и суви треви во атарот на селото.
„Тројцата соизвршители, на 9 август предизвикале пожар на шумско земјиште во државна сопственост, во месноста викана Дупки, во атарот на селото Патишка Река, општина Сопиште. Со запалива течност – моторно масло и бензин полеале и запалиле нискостеблеста шума и суви треви, предизвикувајќи општа опасност за животот и телото на луѓето и за имот од големи размери. Осомничените ги забележал и ги пријавил очевидец“,
се наведува во соопштението од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Инаку, за апсењето на тројцата осомничени информираше министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој во објава на Фејсбук напиша дека станува збор за лицата С.А. (59), А.А.(31) и И.А.(25).
Министерството за внатрешни работи досега поднесе неколку кривични пријави против лица осомничени за предизвикување на пожари на повеќе локации низ државата.