Делото за кое се товари обвинетиот било извршено пред три години, односно во 2019 година по завршување на тогашната „Парада на гордоста“ во Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против 33-годишен скопјанец, кој се товари дека заедно со уште неколку засега неидентификувани лица изршил насилство од омраза кон лице заради неговата сексуална ориентација.
Делото за кое се товари обвинетиот било извршено пред три години, односно во 2019 година по завршување на тогашната „Парада на гордоста“ во Скопје.
„На 29.06.2019 година, обвинетиот во група со повеќе други засега неидентификувани лица, извршиле малтретирање, грубо навредување и грубо насилство врз едно лице. Делото било сторено од омраза заради сексуалната ориентација и припадност на оштетениот кон ЛГБТ заедницата“,
стои во соопштението од Јавното обвинителство.
Како што појаснуваат оттаму, на овој датум, по завршувањето на „Парада на гордоста“ во Скопје, оштетениот со уште неколку други лица се враќале од ручек на Матка. Кога тргнале да си одат биле забележани од обвинетиот и другите непознати лица, кои ги препознале и започнале да ги навредуваат и да им се закануваат.
Исплашени за нивната безбедност, оштетениот и неговите пријателки се качиле во такси возила и се обиделе да побегнат, но обвинетиот и неговата група со автомобили ги следеле.
„Такси возилото во кое бил оштетениот било попречено од друг автомобил и било принудено да застане, по што обвинетиот насилно ја отворил предната совозачка врата и физички го нападнал оштетениот, го удрил со бокс и започнал да го тегне за да го извлече од возилото“,
информираат од Обвинителството.
Како што додаваат оттаму, обвинетиот при физичкиот напад му нанел телесни повреди на оштетениот – контузија и раздерно-нагмечна рана, а кај останатите сведоци на настанот предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв.