Кривичната пријава против првиот човек на овој суд, како што објавува ТВ Алсат, ја поднеле вработени поради сомнежи за злоупотреба на службената должност
Како една од причините за пријавата против Бурим Сејдини се сомневања за манипулирање со АКМИС системот за електронско распределување на предмети. Според ТВ Алсат, имало анонимни пријави од вработени дека Сејдини намерно чувал во фиока речиси 200 предмети, главно финансиски случаи од Царината и од Управата за јавни приходи, за тие да застарат и со тоа била нанесена штета на државата од околу милион евра. Сејдини, меѓудругото, и незаконски вработил две лица во судот кај кои постоел конфликт на интереси.
За кривичната пријава, која била проследена до неколку институции, бил известен и Судскиот совет, кој во средата иницирал формирање на комисија која треба да изврши контрола во Управниот суд.