Фејсбук вечерва е арената во која првенците на Алијанса за Албанците ги потврдија шпекулациите за длабоките разлики во врвот на партијата за тоа како и со кого да се настапи на претстојните парламентарни избори.
Прв почна актуелниот претседател на Алијанса, Арбен Таравари, кој напиша дека бара поддршка од Централното собрание за да им се приклучат на опозициските партии на Албанците. На ова реагираше генералниот секретар на АА и министер за правда Кренар Лога, кој напиша дека партијата веќе одлучила дека на изборите ќе оди самостојно. Му се приклучи претседателот на Централното собрание и поранешен лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој го обвини Таравари дека има шверцерски тенденции и напиша дека тој како поединец не одлучува за чекорите на партијата, туку партиските тела.
Во најновото продолжение на фејсбук-преписката се придодаде актуелни министер за здравство Фатмир Меџити, кој е од редовите на АА, и очекувано се стави на страната на Таравари споделувајќи ја неговата објава. Меџити не напиша дополнителен коментар.