Како што утрово соопштија од Алијанса за Албанците, собранието ќе се одржи во ресортот „Буши“ во Старата скопска чаршија во Скопје, а по завршувањето на седницата, предвидено е изјава за медиумите да даде претседателот на ова тело во партијата, Зијадин Села
Алијанса за Албанците денеска ќе го одржи Централното собрание, закажано уште минатата недела од претседателот на ова тело во партијата, Зијадин Села, на кое најави дека ќе се бара одговорност за претседателот на АА, Арбен Таравари.
Како што утрово соопштија од Алијанса за Албанците, собранието ќе се одржи во ресортот „Буши“ во Старата скопска чаршија во Скопје, а по завршувањето на седницата, предвидено е изјава за медиумите да даде претседателот на ова тело во партијата, Зијадин Села.
Централното собрание треба да одлучи како партијата ќе настапи на претстојните парламентарни и претседателски избори.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, пред два дена одржа состанок во Куманово со членови на Централното собрание на кој и официјално беше одлучен заеднички изборен настап на Алијанса со опозициските партии на Албанците.
„Делегатите гласаа за мојот предлог. Ви благодарам од сè срце за довербата! Алијансата за Албанците официјално одлучи да се приклучи на опозицијата! 8 мај е поблиску од кога било! Промената започна!“,
објави Таравари на Фејсбук.
Говорејќи пред полна сала во Куманово, Таравари порачал оти на 9 мај, еден ден по изборите, Алијанса за Албанците ќе биде главен одлучувачки фактор за иднината на земјава.
На состанокот им се обратил и на членовите на партијата кои не дадоа поддршка за неговата идеја за заеднички настап со опозициските партии на Албанците на претстојните избори.
„Тие мислат различно од нас. Тие мислат дека промени се прават со ДУИ. Ние мислиме дека промените се прават преку Алијанса за Албанците и со некои други албански партии. Несомнено е дека ќе се држиме до проевропскиот пат. Со целосна одговорност велиме дека нема да станеме дел од влада која не би ги направила уставните измени и која не прифаќа почеток на преговорите со ЕУ. Верувајте, ве уверувам дека Алијанса за Албанците во моментот кога ќе ја победи ДУИ, во 2025 ќе биде прва партија на Албанците во Македонија“,
изјавил Таравари.
Според портпаролот Блерант Рамадани, на собирот во Куманово се одржал состанок на Централното раководство на Алијанса на кој присуствувале 17 од вкупно 29 члена и сите од присутните ја прифатиле оваа иницијатива и му дале целосна поддршка на Таравари.
За седницата на Централното собрание која за денеска е закажана од претседателот на ова партиско тело, Зијадин Села, Рамадани тогаш изјави оти тоа може да биде собир од евентуално 45 отсто од оние што не се потпишале на декларацијата, а одлуката на 45 отсто, како што рече, дури да бидат присутни и сите членови на Централното собрание, не може да влијае на одлуката на 55 отсто од делегатите.
Села на 4 февруари рече дека ставот за самостоен настап на изборите е поддржан од 99 отсто од членовите на Централното собрание на партијата.
„Затоа контрабанда на ставот на Алијанса за Албанците преку статуси на Фејсбук ние не можеме да дозволиме. Ја свикувам седницата на Централното собрание за во сабота на која ќе се одлучи за одговорност на претседателот на партијата како највисок орган кој решава помеѓу два конкреси“,
најави Села.
Села го повика Таравари да дојде на собранието и да ја понесе одговорноста за, како што рече, сите нешта што ги направил на грбот на членството.
Инаку, поделбата во Алијанса за Албанците започна минатиот викенд кога Фејсбук стана арената во која првенците на Алијанса за Албанците ги потврдија шпекулациите за длабоките разлики во врвот на партијата за тоа како и со кого да се настапи на претстојните парламентарни избори.
Прв почна актуелниот претседател на Алијанса, Арбен Таравари, кој напиша дека бара поддршка од Централното собрание за да им се приклучат на опозициските партии на Албанците.
На ова реагираше генералниот секретар на АА и министер за правда Кренар Лога, кој напиша оти партијата веќе одлучила дека на изборите ќе оди самостојно. Му се приклучи претседателот на Централното собрание и поранешен лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој го обвини Таравари дека има шверцерски тенденции и напиша оти тој како поединец не одлучува за чекорите на партијата, туку партиските тела.
Доцна синоќа беа разрешени министрите за здравство и информатичко општество и администрација, Фатмир Меџити и Азир Алиу, по предлог на техничкиот премиер Талат Џафери, откако тие застанаа во поддршка на Таравари.
Пред почетокот на седницата во Собранието за разрешување на двајцата министри се обрати техничкиот премиер Талат Џафери, кој рече дека во техничката влада не може да има два опозициски субјекти, алудирајќи на тоа дека Меџити и Алиу застанаа зад лидерот на Алијанса во одлуката партијата да коалицира со опозициските партии на Албанците на претстојните избори.