Поддржувачи на Доналд Трамп се организираат да го опколат Капитол пред да се случи инаугурацијата на новоизбраниот претседател на САД Џо Бајден, јавува Си-ен-ен повикувајќи се на конгресмен кој бил брифиран за можни нови закани.
„Тие зборуваа за 4 000 вооружени ‘патриоти’ кои имаат намера да го опколат Капитол и да спречат влегување на кој било демократ. Таа организирана група има план“,
вели Конор Ламб, адвокат и претставник на демократите на Пенсилванија.
Според него, оваа група на луѓе мора да биде под истрага и да бидат запрени во нивните намери.
ФБИ претходно предупреди за можни „вооружени протести“ што се планираат во главните градови низ САД и поради тоа е зголемена состојбата на тревога кај пратениците и службениците за спроведување на законот по упадот на Капитол минатата недела, кога имаше загинати и повредени.
Според претходните најави, новоизбраниот претседател на САД, Џозеф Бајден и потпретседателката, Камала Харис, ќе стапат на должност на 20 јануари, а функцијата ќе ја преземат со заклетвата на скалите пред Капитол. Но, поради специфичните услови во светот поради пандемијата, церемонијата на инаугурацијата главно ќе биде виртуелна.
Организацискиот одбор за инаугурацијата на идниот американски претседател предупреди дека ќе има сосема ограничен број на присутни на церемонијата и на традиционалната парада што треба да следи потоа.