Новиот собраниски состав се очекува да биде конституиран до 5 август, односно во рок од 20 дена по изборите
Овие избори се петти по ред вонредни од почетокот на плурализмот во земјава, првично беше договорено тие да се одржат на 12 април годинава
Изборите за пратеници во десеттиот состав на македонското Собрание почнуваат денеска – со гласање во државен карантин. На првиот ден од изборниот молк, повеќе од 700 лица кои се заразени со ковид-19 или се во самоизолација, а кои се пријавија во ДИК до 8 јули на полноќ, денеска ќе може да го остварат своето гласачко право под посебни услови, за што во спроведување на изборниот процес се вклучија и здравствени работници.
Утрешниот ден, пак, е резервиран за гласање на болни и изнемоштени, како и за лица со хронични болести. Во домашни услови ќе гласаат и близу 9 000 болни и немоќни лица, кои, исто така, се пријавиле во ДИК до среда на полноќ минатата недела.
Клучното гласање е в среда, на 15 јуни, кое, како и кампањата што заврши синоќа на полноќ, ќе се реализира во посебни услови, со употреба на заштитна опрема, како маски, ракавици и средства за дезинфекција – и за членовите на избирачките одбори и за секој гласач поединечно.
Освен што овие избори се одржуваат во среда, наместо во недела, овој пат и гласањето ќе трае подолго од вообичаеното, односно од 7 часот изутрина до 21 часот вечерта.
ДИК го заклучи Избирачкиот список со вкупно 1 814 263 гласачи, од кои 83 054 се заведени во посебен извод за лица кои се на привремена работа или престој во странство. Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор, пак, се запишани 1 657 гласачи.
Изборите ќе ги следат вкупно 2 717 домашни и странски набљудувачи, преведувачи и странски новинари. Односно, во ДИК се акредитирани 2 508 домашни набљудувачи и 98 меѓународни, од кои 11 од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, додека другите се од Делегацијата на ЕУ во земјава и од странските амбасади во Скопје. За следење на изборите се пријавиле и 55 странски новинари од 15 редакции.
На овие избори учествуваат четири коалиции и 11 партии, со вкупно 1 578 кандидати за 120 пратенички места. Почнувајќи од 2011 година, ова ќе бидат први избори за пратеници кои ќе поминат без гласање во дијаспората, поради тоа што не беше постигнат потребниот број на пријавени избирачи во дипломатско-конзуларните претставништва во земјава.
Новиот собраниски состав се очекува да биде конституиран до 5 август, односно во рок од 20 дена по изборите.

Потоа почнуваат да тече рокот од 10 дена во кои претседателот Стево Пендаровски ќе треба да го даде мандатот за состав на влада на партијата/коалицијата која ќе обезбеди најмалку 61 пратенички глас во новото Собрание.

Во рок од 20 дена од добивањето на мандатот, мандатарот треба да ја состави новата влада и да достави во Собранието програма за работа.
Последните парламентарни избори во земјава се одржаа на 11 декември 2016 година, а конститутивната седница на деветтиот собраниски состав почна на 30 декември и, практично, траеше до 27 април следната година. Владата беше избрана во почетокот на јуни 2017 година.
Десеттите парламентарни избори се петти по ред вонредни од почетокот на плурализмот во земјава. Првично беше договорено тие да се одржат на 12 април годинава, поради што Собранието беше распуштено на 16 февруари, откако во почетокот на јануари беше избрана техничката влада. Но кризата со коронавирусот ги стави изборите под мораториум речиси три месеци, додека земјата беше во вонредна состојба.