Државната изборна комисија го заклучи Избирачкиот список со 1 814 263 гласачи за изборите на 15 јули. Според податоците од Комисијата, општина со најголем број гласачи е Куманово, каде што има повеќе од 93 илјади, а најмалку гласачи има во општина Конче, односно 1 900. Членот на ДИК, Борис Кондарко, посочи дека ДИК успеала за десетина дена да ги заврши изборните дејствија, спротивно на тврдењата дека се потребни повеќе од 50 дена за нивните активности, алудирајќи на изјавите на претседателот на ДИК, Оливер Деркоски.
„Успеавме четири дена порано пред законскиот рок и со ревидиран роковник да ги завршиме сите дејствија за обработка и ажурирање заедно со Заводот за статистика. Покажавме дека може за неполни 8-9 дена да се завршат сите дејствија, а не за 40-50 дена, како што се споменуваше во јавноста.“
изјави Борис Кондарко, член на ДИК
Според претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, пак, причина за тоа е што дел од изборните активности, како увидот во Избирачкиот список, се сметаа за важечки иако беа направени пред вонредната состојба.
„Има 16 дена, не 8-9 како што кажа колегата, а тоа е затоа што веќе се затворени дејствата како увид во Избирачкиот список кој сега не се спроведе, а мислам дека требаше“,
рече Деркоски.
ДИК донесе одлука и за гласачите од избирачките места со помалку од десет избирачи да гласаат во најблиското соседно избирачко место. Бројот на овие избирачки места се зголемува секој година и годинава има 90 такви места – во Прилеп има 13 избирачки места со помалку од десет гласачи, Македонски Брод има 11, Пробиштип 7, Сопиште 3, Кратово 3 и Конче 3 такви места.