Учениците на настава во второто полугодие треба да се вратат на 20 јануари

Од денеска почнува зимскиот распуст за учениците од основните и средните училишта. Учениците на настава во второто полугодие треба да се вратат на 20 јануари.
Оваа учебна година ќе трае до 10 јуни, а исклучок се учениците од завршните години во средно образование, кои ќе имаат настава до 16 мај. Во второто полугодие учениците годинава ќе го немаат пролетниот распуст, како што тоа беше случај минатата година и кога учебната година беше продолжена до 17 јуни.
За укинувањето на пролетниот распуст Министерството за образование и наука во оваа учебна година анкетираше наставници, родители и ученици од повисоките одделенија. Како што информираа од МОН мнозинството се изјасниле дека не сакаат пролетен распуст.
На почетокот на новата учебна година од МОН рекоа дека таа ќе започне за 245 илјади ученици во основните и средните училишта, бројка што во последните седум години е намалена за 17 илјади.