Новата учебна година, како што рече Јаневска, ќе започне за 245 илјади ученици во основните и средните училишта, бројка што во последните седум години е намалена за 17 илјади
Јаневска вели дека за седмо, осмо и деветтоодделенците оваа година имплементацијата на новата концепција за основно образование е одложена, првенствено поради револтот на наставниците околу интегрирањето на предметите и губењето на нивната основна суштина
Оваа учебна година основците и средношколците ќе го немаат пролетниот распуст, како што тоа беше случај изминатата година, најави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Одлуката на министерството да го укине пролетниот распуст, како што вели Јаневска, доаѓа од резултатите што ги добиле од спроведената анкета меѓу наставниците, родителите и учениците.
Мнозинството од анкетираните се изјасниле дека ваков распуст не е потребен.
Јаневска денеска во изјава за медиумите рече дека учебната година за сите ученици и од основното и од средното образование започнува утре и оти ќе трае до 10 јуни. Исклучок, рече Јаневска, се учениците од завршните години во средно образование, кои ќе имаат настава до 16 мај.
„Зимскиот одмор започнува на 31 декември, а завршува на 19 јануари. Летниот пак, започнува на 11 јуни, а завршува на 31 август. Пролетен распуст, нема да има“,
рече Јаневска на денешната прес-конференција.
Оваа учебна година за неколку ученици ќе започне со онлајн настава. Јаневска вели дека станува збор за неколку училишта, каде, како што нагласи, претходното раководство не исполнило одредени свои обврски, како на пример ненавремено завршување на реконструкција или набавка на опрема – клупи и столчиња за учениците.
Во 140 училишта наставата ќе се одвива во една смена, а министерката вели дека се залагаат тоа да се воведе во сите училишта во државата.
„Правиме анализа за да увидиме во кои објекти треба дополнително да се инвестира во капацитетите, за да може да се прошири едносменската настава од следните години и во други училишта“,
рече Јаневска.
Новата учебна година, како што рече Јаневска, ќе започне за 245 илјади ученици во основните и средните училишта, бројка што во последните седум години е намалена за 17 илјади.
„Во истиот период бројот на првачиња е намален за околу 3 500 илјади. Ова е погубно и разочарувачки и е резултат на лоште политики, не само во образованието, туку во сите општествени сегменти“,
рече Јаневска.
Министерката најави и дека за прв пат по седум години, учебната година започнува со учебници.
„Ова беше еден од приоритетите на моето работење и можам да кажам дека дадениот збор е успешно исполнет. Сите учебници кои се одобрени и испечатени, во овие 60 дена се веќе испорачани во тираж од 360 илјади примероци“,
рече Јаневска.
Таа потсети обезбедени се учебници и наставни материјали за бројни предмети за кои досега немаше.
„По предметот историја и општество за петто и шесто одделение, како и за предметите историја и географија за седмо одделение обезбедивме печатени материјали на сите 5 наставни јазици, со оглед на тоа што немаше одобрени учебници. Наставни материјали обезбедивме и за јазикот и културата на заедниците во сите одделенија каде немаше никаков учебник“,
рече министерката.
Единствено во основното образование, додаде таа, ќе недостасуваат учебници за странски јазици од прво до деветто, поради тоа што, како што рече Јаневска, претходното раководство во МОН ја поништило постапката за јавна набавка и таа одлука е во жалбена фаза која се уште трае.
Најави дека по завршување на жалбениот процес, постапката ќе биде повторно спроведена, транспарентно и согласно сите законски процеси.
За седмо, осмо и деветтоодделенците оваа година имплементацијата на новата концепција за основно образование е одложена, првенствено поради револтот на наставниците околу интегрирањето на предметите и губењето на нивната основна суштина, како и збунетоста кај учениците од материјата која им се предавала.
„Во моментов ги консултираме наставниците и сите нивни забелешки ќе бидат интегрирани во новите програми што ќе ги подготви БРО и етапно во следните три години, година по година, а почнувајќи од 2025 година, ќе се воведуваат во училиштата. Ќе се навратиме и на ревидирање на наставните програми во пониските одделенија, бидејќи и таму ситуацијата е идентична“,
истакна Јаневска.