„Ваша обврска е да ги примите учебниците во терминот кој навремено ви е посочен од дистрибутерот. Сигурна сум дека секој од вас има доволно персонал на располагање и може успешно да ја заврши обврската. Очекувам сите да сме на висина на задачата, со цел добро подготвени да го дочекаме стартот на новата учебна година“, навела министерката Јаневска во пораката до директорите на основните и средните училишта
Министерството за образование и наука денеска преку писмено соопштение информира дека во тек е испораката на одобрените и испечатени учебници и наставни материјали кои ќе се користат во основните и средните училишта во учебната 2024-2025 година.
Од Министерството велат дека согласно дефинираната динамика, испораката треба да биде заокружена пред првиот училиштен ден, кој годинава паѓа на 2 септември. Но, за остварување на планот, додаваат оттаму, неопходна е кооперативност и ажурност на сите директори на училиштата.
Во оваа насока била и пораката која министерката за образование и наука, Весна Јаневска денеска ја упатила до училишните раководства, во која посочила дека учениците и наставниците се нивна основна грижа, дека токму нив им требаат учебниците, па оттаму, треба да организираат нивен соодветен прием.
„Ваша обврска е да ги примите учебниците во терминот кој навремено ви е посочен од дистрибутерот. Сигурна сум дека секој од вас има доволно персонал на располагање и може успешно да ја заврши обврската. Очекувам сите да сме на висина на задачата, со цел добро подготвени да го дочекаме стартот на новата учебна година“,
навела министерката Јаневска во пораката до директорите на основните и средните училишта.
Таа додала дека дистрибутерите немаат обврска да доаѓаат по втор или трет пат во некое училиште за да ги достават учебниците и затоа, како што, посочила Јаневска, било какви изговори на директорите за одложување на приемот се неприфатливи.
Таа додава дека дистрибутерите немаат должност да доаѓаат по втор или по трет пат во училиштето за да ги достават учебниците и затоа, било какви изговори на директорите за одложување на приемот се неприфатливи.
Во соопштението на Министерството за образование и наука се додава дека тоа заедно со другите надлежни институции ќе продолжи со заложбите да се обезбедат сите останати учебници по предметите во основното и средното образование кои досега не се одобрени.
Акцентот, велат оттаму, ќе бидат ставени на учебниците по странски јазици од прво до деветто одделение за кои, како што додаваат, процесот на одобрување е започнат, но и поништен од претходното раководство на МОН и во тек е жалбена постапка.
Откако ќе заврши, од Министерството велат дека повторно ќе биде објавен оглас согласно законските прописи.
Инаку, министерката Јаневска неодамна јавно се извини за нејзината изјава дека за учење на странски јазици нема потреба од учебници и дека учениците ги учат странските јазици од ТВ-серии, што предизвика негативни реакции во јавноста.
Јаневска се извини за, како што рече, лошо срочената изјава.