Oд денеска до 27 јануари во Основниот кривичен суд во Скопје секој ден се закажани рочишта за предметот ТНТ, кој е во завршна фаза. До донесување на пресуда, треба да заврши распитот на петмина од обвинетите и странките да дадат завршни зборови. Меѓутоа, поради мандатот на поротничката Лилјана Ивановска-Кочковска, која е дел од судечкиот совет во предметот, речиси секојдневно овој случај се води и надвор од судницата со прозивки од одбраната кон судот и Судскиот совет.
Различни толкувања на одбраната и судот дали поротничката треба да постапува
Првично, првото рочиште во 2020 за случајот кој се однесува на уривањето на комплексот „Космос“ беше закажано за 17 јануари. На 31 декември преку соопштение од судот информираа дека се закажани нови рочишта, секој ден од 13 до 16 јануари.
„Потоа расправата продолжува на веќе закажаниот термин на 17 јануари во 10 часот, како и во период од 20 до 27 јануари секој ден во 10 часот“,
наведоа од судот.
Но, според одбраната, судечкиот совет не може да постапува во ваков состав бидејќи, како што тврди, мандатот на поротничката е истечен на 23 декември 2019 година, односно тој трае четири години, а таа почнала да го извршува на 24 декември 2015.
Ставот на судот, пак, е дека за мандатот одлучува Судскиот совет и сè додека нема решение оттаму судечкиот совет ќе постапува. Претседателот на судот Иван Џолев од Судскиот совет побара да се продолжи мандатот на Ивановска-Кочковска.
Судскиот совет, пак, се очекува за ова барање да одлучува на седница на 27 јануари.
„Судскиот совет известува дека барањето на претседателот на Основниот кривичен суд Скопје за продолжување на мандатот на судија поротник беше ставено на дневен ред на седницата на 25 декември 2019 година. Дел од точките од дневниот ред беа одложени за 30 декември. Поради немање кворум за одлучување и потребата материјалите да бидат доставени на увид и проучување на новоизбраниот член на Советот, седницата се одложи за 27 јануари 2020 година“,
наведоа од Судскиот совет.
Даути бара Судскиот совет да не молчи
Во исчекување на утрешното рочиште, случајот ТНТ непрекинато се води и надвор од судската сала преку отворени писма и соопштенија со прозивки. Последно во низата е денешното соопштение на адвокатот на една од обвинетите во ТНТ, Мерџан Дауити, во кое тој го прозива Судскиот совет да не молчи.
„Во текот на утрешниот ден охрабрете се, не потклекнувајте на никакви притисоци, закани, уцени или ветувања. Донесете законита одлука во интерес на владеењето на правото. Молкот е најлоша опција. Премолчувањето на незаконските постапки и вас директно ве прави соучесници. Донесете каква било одлука, но не молчете! Не секогаш молчењето е злато, во овој случај молчењето е одобрување на незаконско работење“,
пишува Даути во писмото.
Покрај за поротничката, и во ова писмо тој се жали на „недозволување на користење на албанскиот Закон согласно Устав и закон“, откако претходно бараше превод на списите од предметот на албански јазик.
Тоа од судот го сметаа за обид за кочење на судскиот процес.
Меѓутоа, Даути не е единствениот кој преку отворени писма во јавноста ги прозиваше претседателот на Основниот кривичен суд и Судскиот совет. Адвокатот Јовица Страшевски, бранител на ексградоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, досега испрати многубројни отворени писма во кои алудираше и дека Судскиот совет, претседателот на судот и поротничката прават кривични дела.
На притисоците од одбраната во ТНТ реагираа од судот, Судскиот совет и Здружението на судии и бараа МВР, обвинителството и Адвокатската комора да реагираат. Досега, само од Адвокатската комора се огласија дека ќе го дадат случајот на органите за дисциплинска постапка. Поротничката, пак, како што соопштија од судот, доби обезбедување поради закани што ги примала.
Таа утре треба да се појави во судската сала на закажаното рочиште каде што на обвинителна клупа, покрај споменатиот поранешен градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, седат и ексминистерот Миле Јанакиески и вработени во Општината кои учествувале во постапките за рушењето на „Космос“. Обвинет е и избеганиот поранешен премиер Никола Груевски, кому му се суди во отсуство.