Некогаш „чудо од дете“ на европските конзервативци, Курц се повлече од функцијата канцелар во 2021 година по серијата обвинувања за поткуп, кои вклучуваат трошење јавни пари за фаворизирање во медиумското известување
На поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц и на двајца други обвинети в среда ќе им се суди за наводно давање лажно сведочење пред парламентарната комисија која истражува корупција.
Ова е прво судење на поранешен канцелар по повеќе од 30 години.
Некогаш „чудо од дете“ на европските конзервативци, Курц се повлече од функцијата канцелар во 2021 година по серијата обвинувања за поткуп, кои вклучуваат трошење јавни пари за фаворизирање во медиумското известување.
Курц ги негираше сите обвиненија и рече дека ќе ја докаже својата невиност на суд.
„Како и многу обвиненија така и ова ќе испадне дека е лажно“,
рече 37-годишниот Курц во изјава дадена за медиумите во август.
Од АФП контактирале со Курц и со неговиот адвокат, но тие одбиле да коментираат.
Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува затворска казна до три години.
Овој случај произлегува од сведочењето на Курц во 2020 година пред парламентарна комисија. Обвинителите го обвинуваат за поткопување на неговото влијание врз назначувањето на шеф на државна компанија.
Пораките што протекоа во медиумите сугерираат дека Курц разговарал за ова прашање со официјалниот претставник Томас Шмид.
„Многу сум среќен. Го сакам својот канцелар“,
наведува Шмид во една порака.
Заедно со Курц, обвинети се и неговиот поранешен шеф на кабинет Бернхард Бонели и Бетина Глац-Кремснер, поранешната потпретседателка на конзервативната Народна партија на Курц.
Неделава се очекува судијата да го сослуша обвинетиот, а потоа ќе бидат одредени термините за продолжение на судењето, изјави портпаролката на судот.
Обвинителите рекоа дека планираат да повикаат 18 сведоци, меѓу кои и Шмид, како и поранешниот министер за финансии на Курц и други високи функционери.
Околу три четвртини од случаите со лажно сведочење завршиле со пресуди, покажуваат статистиките на Министерството за правда.
Во одделен случај, обвинителите го истражуваат Курц под сомнение дека проневерил јавни средства за анкети во негова корист и за поволно известување за да му се помогне политички да се издигне.