Покрај официјализирање на номинацијата на Харис, на настанот се очекува и проштален говор на првономинираниот кандидат на демократите и актуелен претседател на САД, Џо Бајден. Според најавите, Бајден во својот говор ќе инсистира на тоа дека потенцијалното враќање во Белата куќа на експретседателот и републикански кандидат Доналд Трамп ќе претставува закана по демократијата во САД
Големата четиридневна национална конвенција на Демократската партија, на која се очекува официјализирање на номинацијата на Камала Харис за претседателска кандидатка на демократите, стартува во Чикаго ноќта меѓу понеделник и вторник (по средноевропско време).
Покрај официјализирање на номинацијата на Харис, на настанот се очекува и проштален говор на првономинираниот кандидат на демократите и актуелен претседател на САД, Џо Бајден. Според најавите, Бајден во својот говор ќе инсистира на тоа дека потенцијалното враќање во Белата куќа на експретседателот и републикански кандидат Доналд Трамп ќе претставува закана по демократијата во САД.
Говорниците на конвенцијата, меѓу другото, се очекува да ги истакнат достигнувањата на Бајден за време на неговото претседателствување, вклучително и мерките за време на пандемијата со коронавирус, инфраструктурните инвестиции и реформите во здравствената заштита.
Меѓу говорниците на конвенцијата ќе бидат поранешните претседатели на САД, Барак Обама и Бил Клинтон, а најавено е и обраќање на Хилари Клинтон, како и на поранешната прва дама Мишел Обама.
Гувернерот на Минесота и кандидат за потпретседател на САД, Тим Волц, ќе се претстави пред Американците во среда навечер, а Камала Харис ќе се обрати и на последниот, четвртиот ден од конвенцијата.
Харис, која од Џо Бајден ја презеде номинацијата на Демократската партија за кандидат за претседател на САД, има мала но, според аналитичарите, значајна предност пред Доналд Трамп, изборот на републиканците. Станува збор за предност од 3 процентни поени на територијата на целите САД.