Право глас имаат 6 602 990 бугарски граѓани запишани во избирачкиот список. Отворени се 11 636 избирачки места, а во 9 369 од нив ќе се гласа машински, во 1 105 избирачки места ќе се гласа со два апарати, додека во 2 785 места, претежно помали градови и села бугарските граѓани ќе гласаат со хартиени ливчиња
На предвремените парламентарни избори во Бугарија учествуваат 28 политики формации, од кои 22 се политички партии, а шест се коалиции. Според родовата застапеност, вкупно 1 954 жени и 4 670 мажи ќе се борат за место во бугарскиот парламент кој брои 240 места
Утрово, точно во 7 часот, во Бугарија почна изборниот ден на предвремените парламентарни избори, на кои граѓаните на земјата треба да го изберат 48. Народно собрание.
Гласањето, како што велат првите извештаи на бугарската новинска агенција БГНЕС тече нормално. Изборниот ден ќе трае до 20 часот, а доколку во тој време пред гласачаките места има уште граѓани кои што чекаат да го дадат својот глас тоа ќе биде продолжено за еден час.
Право глас имаат 6 602 990 бугарски граѓани запишани во избирачкиот список. Отворени се 11 636 избирачки места, а во 9 369 од нив ќе се гласа машински, во 1 105 избирачки места ќе се гласа со два апарати, додека во 2 785 места, претежно помали градови и села бугарските граѓани ќе гласаат со хартиени ливчиња.
Избирачки места се отворени и во странство, вкупно 755. Во 301 од нив ќе се гласа машински, а вкупниот број на машини испратени во странство е 539. Во 454 гласачки места во странство ќе се гласа со хартиени ливчиња.
За гласањето во Бугарија денеска ќе се користат вкупно 11 013 машини, а испечатени се 7 963 400 гласачки ливчиња од кои 710 000 се испратени надвор од државата.
На предвремените парламентарни избори во Бугарија учествуваат 28 политики формации, од кои 22 се политички партии, а шест се коалиции.
Според родовата застапеност, вкупно 1 954 жени и 4 670 мажи ќе се борат за место во бугарскиот парламент кој брои 240 места.
Како што пренесува БГНЕС, четири агенции ќе спроведат излезни анкети за исходот. Станува збор за агенциите за истражување на јавното мислење „Алфа рисрч“, „Галуп интернешнл Балкан“, Истражувачки центар „Тренд“ и „Маркет линкови“.
Како набљудувачи се регистрани 18 организации.
Инаку, денеска бугарските граѓани гласаат по четврти пат во последните 18 месеци. Земјата подолг период се соочува со внатрешнополитичка криза, а поради војната во Украина се поголем е расцепот меѓу прорускиот и проевропскиот табор.
Во однос на очекувањата за исходот од изборите, бугариските експерти со кои разговараше „360 степени“ сметаат дека резултатите од нив ќе бидат такви што формирањето на стабилна влада ќе биде исклучително тешко и дека по се изгледа дека ниту идниот бугарски парламент нема да има мандат од четири години.
Според предизборните анкети, партијата на Бојко Борисов, ГЕРБ, е во водство и ја има поддршката од 24 отсто од испитаниците, што е за осум процентни поени повеќе од Продолжуваме со промените на Кирил Петков и Асен Василев. Борисов се надева на убедлива победа, но се проценува дека ГЕРБ тешко ќе стигне до апсолутно мнозинство и ќе му биде потребен коалициски партнер или партнери за да формира влада.