Потпретседателката на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски Јасна Мандиќ денеска е во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција каде дава исказ во врска со истрагата за „Рекет 2“ каде е осомничена за помагање во делата перење пари и измама.
Шефицата на Обвинителството Вилма Русковска викендов изјави дека обвинение за случајот „Рекет 2“ може да се очекува на почетокот на јануари.
Освен Мандиќ со истрагата за продолжението на случајот „Рекет“ кое e во фаза на судење , се опфатени Мешународниот сојуз како правно лице и уште 4 физички лица: претседателот на невладината Бојан Јовановски – Боки 13, неговиот татко Миле Јовановски, асистенката Христина Блажевска и пратеничката и потпретседателка на Собранието, Фросина Ременски.
Минатата недела во обвинителството беше Ременски, која во истрагата е осомничена за помагање во кривичното дело измама. Таа и денеска продолжува со увидот во доказите.
Првоосомничен е Боки 13 и тој е под истрага за две дела – за перење пари и други приноси од казниво дело и за измама.
Јовановски се сомничи дека измамил две градежни компании на тој начин што ги лажел дека ќе обезбеди државно земјиште за да се изградат центри за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа ќе обезбеди и државни субвенции. Така, од едната фирма преку авторска агенција добил околу 720.000 евра, а од другата околу 230.000 евра.
Ременски, пак, според обвинителството одела на средбите што ги организирал Боки.
Миле Јовановски и Христина Блажевска, пак, се осомничени за помагање во делата перење пари и измама.
Според Законот за кривична постапка (ЗКП), пред да заврши истрагата обвинителството мора да ги испита осомничените. За завршување на истражната постапка обвинителот го известува осомничениот дека неговата одбрана има право во рок од 15 дена да поднесе исправи или други докази или да бара обвинителот да собере определени докази. Ако има такво барање, обвинителот е должен тоа да го заврши во рок од 30 дена.
ЗКП предвидува дека кога ќе заврши истрагата и ќе истечат овие рокови, обвинителството во рок од 15 дена треба да поднесе обвинение или да ја запре постапката. Овој рок може да трае и 30 дена ако станува збор за кривични дела од областа на организираниот криминал.