Не е прифатен амандман на ВМРО-ДПМНЕ, кој предвидуваше помошта да важи и за април и мај
Фирмите и самостојните вршители на дејност до 30 април ќе може да аплицираат за помош за плати за февруари и за март од петтиот пакет мерки.
Пролонгирањето на рокот за пријавување е направено преку амандман што е усвоен денеска на Комисијата за финансирање и буџет, каде што се разгледуваат законските решенија од петтиотиот пакет антикризни мерки.
Поради доцнењето на усвојувањето на мерките, едногласно е прифатен амандманот на Законот за финансиска поддршка за самостојни вршители на дејност за месеците февруари и март, по скратена постапка, како и на Законот за финансиска поддршка на работодавачите.
Не се прифатени предлозите на ВМРО-ДПМНЕ со кои се бараше помошта да биде за февруари, март, април и мај, парите да се префрлат директно на трансакциска сметка на работниците, а средствата да бидат неповратни.
Според заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, мерките од петтиот пакет се влезени во буџетот и не може да се продолжат за месеците април и мај, а платата на работниците се исплаќа преку работодавачите.
Поднесени се 27 амандмани, од кои 17 се од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и 10 од владејачкото мнозинство.