Бидејќи планинарот кој прв паднал во провалијата бил на исклучително стрмно место, се донела одлука тој да биде извлечен оттаму со хеликоптер неколку часа подоцна, односно откако ќе се раздени. Ангелов од ЦУК вели дека поради маглата во Скопје, хеликоптерите не можеле да полетаат на првото разденување и морале да почекаат маглата да се расчисти
Спасувачката акција за планинарот кој почина по пад во провалија во реонот на Титов Врв, всушност, започнала пред тој да падне во провалијата, соопшти денеска првиот човек на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, изнесувајќи детали во врска со спасувачката акција.
Според деталите кои ги изнесе Ангелов, вчера околу 17 часот на бројот за итни случаи 112 стигнала пријава од планинарот кој заедно со својот пријател планинар се движел на релација меѓу врвот Бакрдан и Титов Врв. Помошта која тие ја побарале од ЦУК била поради тоа што не можеле да се симнат од тоа подрајче откако паднала ноќ.
По добиената пријава, полициски екипи и тим на пожарникари излегле на терен и се упатиле на местото.
Половина час подоцна, пак, како што соопшти Ангелов, на бројот за итна помош повторно се јавило истото лице и пријавило дека на вториот планинар му се слошило, по што се лизнал и паднал во бездна. Планинарот немал информации колкава е бездата во која паднал неговиот пријател, но како што кажа Ангелов, се работи за бездна која е длабока повеќе од 600-700 метри.
Директорот на ЦУК додаде дека поради сериозноста на ситуацијата, дополнително биле ангажирани специјалци од Единицата за брзо распоредување (ЕБР). На местото самоиницијативно дошол и директорот на НП „Шар Планина“, Ибрахим Дехари во придружба со, како што вели Ангелов, еден од нашите најдобри алпинисти со искуство во спасување по име Надир.
„На ова место припадниците на ЕБР се обиделе да лоцираат каде се наоѓа повреденото лице, кое пропаднало во провалијата. Притоа старешината од ЕБР се упатил во оваа насока, од каде можел да има преглед, иако било ноќ, сепак имало полна месечина и имало одредена видливост. Но, движејќи се кон горната страна од каде можел добро да погледне, се лизнал и летнал во провалијата“,
изјави Ангелов, додавајќи дека и тој пропаднал во провалијата длабока од 600-700 метри.
„Припадниците на ЕБР цело време довикувале и се обидувале да го добијат и првото лице кое паднало во провалијата и нивниот старешина. Подоцна старешината од ЕБР, кој бил изнемоштен, се јавил преку радио-врска и кажал дека не знае каде се наоѓа, има повреди и оти е во сосотојба во која може да контактира“,
додава Ангелов.
Ангелов посочи дека директорот на НП „Шар Планина“ и аплипинистот Надир се обиделе да се спуштат со јажиња до местото и да ги најдат паднатиот планинар и старешината на ЕБР, но оти јажињата не биле доволно долги за тоа.
„Надир одлучил сам со алпинистичка опрема да се спушти до подножјето на оваа провалија. Веднаш потоа се упатил со натчовечка храброст, во еден херојски чин низ оваа провалија и движејќи се надолу прво налетал на лицето кое прво паднало. Лицето било без свест, имало видливи повреди. Алпинистот Надир не можел да го почувствува пулсот, но во тоа време слушнал како довикува старешината од ЕБР и се упатил кон него, кој бил во непосредна близина, а не можел да го открие гласот. Ја забележал сијаличката од неговата радиостаница и потоа успел да дојде до него, изјави Ангелов. Старешината можел да комуницира, немал скршеници на рацете и нозете, можел да стане, а Надир му помагал во движењето и се упатиле кон Горна Лешница“,
вели Ангелов, додавајќи дека старешината на ЕБР потоа бил однесен до најблиската медицинска установа.
Бидејќи планинарот кој прв паднал во провалијата бил на исклучително стрмно место, се донела одлука тој да биде извлечен оттаму со хеликоптер неколку часа подоцна, односно откако ќе се раздени.
Ангелов вели дека заедно со тим од ЦУК пристигнале на местото за подобро да ја координираат акцијата за извлекување на планинарот. Образложи дека поради маглата во Скопје, хеликоптерите не можеле да полетаат на првото разденување и морале да почекаат да се крене маглата.
„Во лоцирањето на повреденото лице, повторно помогна алпинистот херој Надир, хеликоптерот слетал во негова близина, специјалците од ЕБР го качија лицето во хеликоптер, кое не давало знаци на живот, но е однесено во Тетово каде го пречекала екипа на Итната медицинска помош, која констатирала смрт“,
изјави Ангелов.