Украинската воена разузнавачка агенција, позната како ГУР, во четвртокот соопшти дека севернокорејските трупи претрпеле големи загуби во борбите во Курск и се соочуваат со логистички тешкотии како резултат на украинските напади
Јужнокорејската разузнавачка агенција денеска објави дека севернокорејскиот војник, за кого се верува дека е првиот заробен припадник на вооружените сили на оваа земја кои се борат на руска страна, починал откако бил фатен ранет, но жив од украинските сили, пренесува „Гардијан“.

Претходно утрово јужнокорејската шпионска агенција ги потврди украинските извештаи дека ранет севернокорејски војник бил заробен од украинските сили.
„Преку размена на информации во реално време со разузнавачката организација на пријателска нација, (ние) потврдивме заробување на ранет севернокорејски војник и планираме темелно да ги истражиме следните случувања“,
соопштија од Националната разузнавачка служба.
Службата подоцна соопшти дека севернокорејскиот војник кој бил заробен жив во Украина, им подлегнал на повредите.
Фотографија од севернокорејскиот војник, на која тој изгледа изнемоштено и најверојатно повреден, претходно беше објавена на апликацијата за пораки Телеграм.
Информациите за неговото заробување првично ги објави украинскиот медиум „Милитарњи“, во кои се тврди дека специјалните сили го фатиле војникот во регионот Курск во Русија, чиј дел е под украинска окупација, по ненадејната офанзива на силите на Киев пред неколку месеци.
Околу 11 000 војници од Северна Кореја се распоредени во Русија за да им помогнат на земјата во нејзините воени напори против Украина. Распопредувањето на трупите уследи неколку месеци откако откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и рускиот претседател Владимир Путин потпишаа договор за заемна одбрана со кој двете земји се обврзаа да си помогнат една на друга во случај да бидат нападнати.
Украинската воена разузнавачка агенција, позната како ГУР, во четвртокот соопшти дека севернокорејските трупи претрпеле големи загуби во борбите во Курск и се соочуваат со логистички тешкотии како резултат на украинските напади.
ГУР соопшти дека украинските напади во близина на Новоивановка им нанеле големи загуби на севернокорејските единици и дека севернокорејските трупи исто така се соочуваат со проблеми со снабдувањето, вклучително и недостиг на вода за пиење.
Неделава, украинскиот претседател Володимир Зеленски тврдеше дека повеќе од 3 000 севернокорејски војници биле убиени или ранети во регионот Курск.
Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја претходно на 19 декември, исто така, објави бројка на загинати севернокорејски војници, која е помала од онаа што ја соопшти Зеленски. Според јужнокорејското разузнавање, во борбите на руска територија се убиени или ранети околу 1 100 припадници на севернокорејските специјални сили.
Севернокорејската воена поддршка доаѓа во критичен момент од војната во Украина. Русија се обидува да ја совлада украинската пешадија соочувајќи се со недостиг на човечки потенцијал и недоволно ресурси.
Според податоците што во октомври ги објави Пентагон, Русија загубила повеќе од 600 000 војници во речиси тригодишната војна со Украина и потрошила толку многу воен материјал што сега се борат да ги надополнат своите потреби од артилерија и ракетни средства во услови на огромни западни санкции.