Почина Ратка Димитрова, пратеничка и координаторка на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во првиот собраниски состав, од 1990 до 1994 година. Имаше 80 години.
Димитрова, чиј политички ангажман ги обележа почетоците на плурализмот и независноста во земјава, имаше и богата кариера како виолинистка со бројни концерти во Македонија и низ светот, а беше и професорка на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Родена е 1940 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за музика во Љубљана, магистрирала на Конзерваториумот „Петар Илич Чајковски“ во Москва.
Таа е мајка на досегашниот министер за надворешни работи Никола Димитров, кој сега го презема вицепремиерското место за европски прашања и сопруга на Димитар Димтров, министер за образование и наука во првата (експертска) Влада во Македонија, а потоа и министер за култура во првата Влада на ВМРО-ДПМНЕ, од 1998 година.
ВМРО-ДПМНЕ изрази сочуство, во кое се посочува дека Димитрова со својот ангажман има придонесено во развојот на демократските процеси и е сведок и учесник на трансформацијата на македонскиот повеќепартиски систем.
„Како дел од почетоците на ВМРО-ДПМНЕ во парламентарниот живот, Димитрова е активен сведок и придонесува за осамостојувањето на институциите на државата“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на Собраниет Талат Џафери,во свое и во име на актуелните пратеници, исто така, изрази сочуство до семејство Димитров.
„Личност со непоколеблив карактер, јасна визија и волја за преземање чекори кои секогаш биле во согласност со нејзиното верување и убедување. Изразувам сочувство за загубата на блискиот член на Вашето ценето семејство. Загубата е огромна, ненадоместлива и болна. Меѓутоа, тоа е природен тек на нештатаво животот и наша единствена опција е да ја прифатиме оваа реалност која колку и да е горка, сепак е надвор од нашата моќ. Кревки и немоќни пред тагата, останува да бидете силни, искрени и неуморни во чувањето на споменот, на заедничките убави моменти кои сте ги споделувале и секако доследни на советите кои може да ги даде само личност која во животот проживеала многу, имала плоден политички ангажман и дала несебичен придонес во развојот на општеството и држава“,
пишува Џафери.