Како што информираа од Токсикологија, се работи за труење со пестицид „метомил“, но засега е непознато како отровот завршил во јадењето
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје издаде наредба за обдукција на телото на 79-годишна жена која почина откако повеќе од 10 дена беше хоспитализирана по семејно труење со домашна храна во Скопје. Претходно, по истиот настан почина 47-годишна жена, додека 55-годишниот маж е пуштен на домашно лекување, информираат од Јавното обвинителство.
„Надлежниот јавен обвинител работи на утврдување на причините за труењето. Од домот на семејството се подигнати 20-ина различни траги за кои е издадена наредба за вештачење. Исто така, издадена е наредба за обезбедување на медицинските истории на тројцата пациенти. Се преземаат и други дејствија“,
се наведува во соопштението од ЈО.
Трагедијата се случи пред десет дена кога семејство во Скопје добило труење откако јадело домашно приготвена пита со праз. Од Токсикологија тогаш информираа дека се работи за труење со пестицид „метомил“, но засега е непознато како отровот завршил во јадењето.
Инаку, „метомил“ е пестицид и е опасен отров по здравјето на луѓето, забранет за продажба во земјава.
Познат и како „ланата“, кој е отровот за кој се претпоставува дека е виновен и за труењето на многу кучиња низ цела држава.