Од Токсикологија велат дека се работи за труење со „метомил“ пестицид, но засега е непознато како отровот завршил во јадењето
Трагично заврши животот на 47-годишна жена од Скопје која заедно со својот сопруг и со неговата мајка јадела домашна пита.
Жената починала денеска, а две лица се во лоша здравствена состојба, од кој едниот е сѐ уште во кома на КАРИЛ.
Според информациите кој роднини им ги кажале на медиумите, питата ја правела бабата со два вида брашно и со праз.
Од Токсикологија велат дека се работи за труење со „метомил“ пестицид, но засега е непознато како отровот завршил во јадењето.
Професорот д-р Нико Беќаровски од Универзитетската клиника за токсикологија, на социјалните мрежи го искоментира случајот со труење од пита со праз на скопско семејство.
„За да не се шири непотребен страв кај населението, причината за фамилијарното труењето и за жал еден изгубен живот со пестицидот Метомил (карбамат), попознат како Ланате, не е ниту „прсканиот праз“ ниту брашното во питата. Инаку доволна е една лажичка концентриран прашок од овој пестицид да предизвика смрт на возрасен човек. Повеќе информации барајте од МВР“,
напиша тој.
Случајот бил пријавен пред неколку дена во полиција и објавен е во билтенот на Министерството за внатрешни работи (МВР).
„На 17.10.2023 во 12.00 часот во Полициската станица Кисела Вода, од Клиниката за токсикологија било пријавено дека на 15.10.2023 кај нив за укажување лекарска помош биле донесени три лица од Скопје, затруени од домашна храна која била направена во нивниот семеен дом во Скопје“,
соопшти полицијата.
Инаку, „метомил“ е инсектицид и е опасен отров по здравјето на луѓето, забранет за продажба во земјава.
Познат е и како „ Ланата“ ова е отровот за кој се претпоставува дека е виновен и за труењето на многу кучиња низ цела држава.