Во измините месеци, Пердју, како добар познавач на политичките прилики во Скопје и во Софија, често ги коментираше односите меѓу двете земји, оценувајќи дека национален интерес на Бугарија е С Македонија да биде членка на ЕУ
Џејмс Вилијам Пердју, поранешен американски амбасадор во администрацијата на Клинтон и на Буш и службеник за разузнавање на американската армија, почина во средата. Имаше 77 години, а причината за смртта не е објавена, пренесува „Арканзас онлајн“.
Роден е во Мемфис, Тенеси, а пораснал во Арканзас, каде што и дипломирал на државниот универзитет. По дипломирањето, како што се наведува, тој поминал 28 години како воен разузнавач, постигнувајќи чин полковник.
Во 1997 година, американскиот демократски претседател Бил Клинто го именуваше Пердју за претставник за воена стабилизација на Балканот, со ранг на амбасадор во Стејт департментот. Републиканскиот претседател Џорџ Буш, пак го назначи Пердју за амбасадор во Бугарија во 2002 година, каде што остана до 2005 година.
Во меѓувреме, во кризната 2001 година за нашата земја, Пердју, како претставник на САД, беше еден од двајцата меѓународни олеснувачи во постигнувањето на Рамковниот договор, заедно со Французинот Франсоа Леотар, како претставник на ЕУ.

Во измините месеци, Пердју, како добар познавач на политичките прилики во Скопје и во Софија, често ги коментираше односите меѓу С Македонија и Бугарија.
„Северна Македонија е суверена држава и повеќе не треба да се вознемирува или командува“,
изјави Пердју во јануари годинава, посочувајќи дека спорот меѓу Скопје и Софија е големо разочарување за Вашингтон.
Пред бугарското „вето“ за почеток на преговорите на земјава со ЕУ, Пердју изјави дека национален интерес на Бугарија е Северна Македонија да биде членка на НАТО и на Европската Унија и затоа Софија треба тесно да соработува со Скопје.