Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е осомничен и во истрагата „Моќник“ на СЈО, денеска на прес-конференција побара обвинителството да спроведе истрага по завршните зборови на Бојан Јовановски-Боки 13 во кои тој тврдеше дека поранешниот премиер Зоран Заев му рекол оти СЈО направило лошо со отворање на случајот „Империја“ бидејќи Орце Камчев имал под контрола 3 пратеници, а Сашо Мијалков повеќе, за да гласаат за уставните измени.
„Она што исто така сметам дека во овој случај е битно е дека во телефонот на првообвинетиот во случајот ‘Рекет’ се тврди дека постои СМС-порака од 16 април минатата година каде што господинот бивши премиер Зоран Заев на првообвинетиот му испраќа порака: ’Дојди да се видиме и ќе ги соочиме доказите‘. Се поставува прашањето како дошле доказите за ‘Рекет’ до бившиот премиер Зоран Заев на 16 април минатата година, кога истиот Зоран Заев тврдеше дека пријавата за ‘Рекет’ ја направил на 2 мај? Дали тоа значи дека доказите од обвинителството прво одат на проверка во владата на СДСМ и кај Зоран Заев, а дури потоа одат во судница?“,
рече Милошоски.
Тој вели дека ВМРО-ДПМНЕ апелира да се извештачи телефонот и на Боки, но и на Зоран Заев.
Боки и во завршните зборови и во сведочењето споменуваше лица и од власта и од опозицијата, ја обвинуваше и обвинителката Вилма Русковска за корупција.
Русковска, пак, во изјавите за медиумите тврдеше дека телефонот е извештачен, а за обвинувањата порачуваше и Боки и секој што има докази да ги достави.