Овој пуч беше осми по ред во Западна и Централна Африка во последните три години и предизвика загриженост за „ширење зараза од воени удари“ низ овој регион, со што се фрла во вода целиот демократски напредок постигнат изминатите две децении

Африканската држава Габон повторно ги отвори границите денеска, соопшти армијата, што доаѓа три дена по затворањето што се случи за време на воениот удар со кој од власт беше соборен претседателот Али Бонго.
Воените офицери предводени од армискиот генерал Брис Олигуи Нгуема ја презедоа власта во оваа земја во средата, Бонго го ставија во домашен притвор, а го поставија Нгуема за шеф на државата. Со тоа ставија крај на 56-годишното владеење на семејството Бонго.
Воените пучисти во Габон се најдоа под меѓународен притисок да ја обноват цивилната власт, но синоќа изјавија дека нема да брзаат со одржување избори.
За отворањето на границите денеска, армискиот портпарол во обраќање на националната телевизија рече дека се решиле на таков чекор бидејќи „се грижат за зачувување на почитувањето на владеењето на правото, добрите односи со соседите и сите држави во светот“.
Бонго беше избран за претседател во 2009 година преземајќи ја функцијата од својот покоен татко Омар, кој дојде на власт во 1967 години.
Овој пуч беше осми по ред во Западна и Централна Африка во последните три години, односно по воените удари во Гвинеја, Чад и Нигер, како и по два во Мали и Буркина Фасо. Тоа предизвика загриженост за „ширење на зараза од воени удари“ низ овој регион, со што се фрла во вода целиот демократски напредок постигнат изминатите две децении.