Група високи воени офицери на Габон се појавија на националната телевизија на африканската земја соопштувајќи дека ја презеле власта во државата, пренесоа денеска светските медиуми
САД се длабоко загрижени за тоа што се случува во Габон, каде што војската денеска објави дека ја презела власта, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност во Белата куќа, Џон Кирби.
Тој додаде дека САД „многу, многу внимателно“ ја следи ситуацијата.
„Мислам дека е премногу рано ова да се нарече тренд“,
посочи Кирби.
Тој додаде дека САД ќе останат фокусирани на „промовирање на демократијата на континентот“.
Група високи воени офицери на Габон се појавија на националната телевизија на африканската земја соопштувајќи дека ја презеле власта во државата, пренесоа денеска светските медиуми.
Офицерите, како што пишува „Гардијан“, изјавиле дека неодамнешните општи избори во земјата, според нив, немаат кредибилитет, истовремено тврдејќи дека ги претставуваат сите безбедносни и одбранбени сили на Габон.
Обидот за воен удар доаѓа откако утрово габонскиот изборен центар соопшти дека актуелниот претседател Али Бонго освоил трет мандат на претседателските избори со 64,27 отсто од гласовите. Опозицијата ги оспори ваквите резултати прогласувајќи ги за фалсификат.
Доколку биде успешен, пучот ќе претставува осми во западна и централна Африка од 2020 година. Превратите во Мали, Гвинеја, Буркина Фасо, Чад и Нигер го поткопаа демократскиот напредок во земјите од овој регион на Африка.
Во јули војската ја грабна моќта во Нигер и предизвика бранувања во целиот регион на Сахел.