Во периодот што претстои ќе се најдат сеопфатни решенија за предизвиците околу спроведувањето на законот, соопшти владината прес-служба
Од бизнисот произлегоа и други предлози како на краток, среден и долг рок да се направат одредени чекори и во насока на надминување на проблемот со енергетската криза, велат од Владата
ПремиеротДимитар Ковачевски со економскиот тим денеска се сретнаа со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, членовите на Управниот одбор и најистакнатите стопанственици во државатапри што е договорено на 18 февруари Комората да ја повлече иницијативата пред Уставниот суд во врска со законското решение за недела неработен ден.
„Во периодот што претстои ќе се најдат сеопфатни решенија за предизвиците околу спроведувањето на законот“,
соопшти владината прес-служба.

„Целта на денешната посета практично е продолжување на соработката и затоа состанокот веднаш го правиме во првата недела од изгласувањето на новата Влада и сакам да ве уверам дека ваков тип на средби ќе продолжат без разлика дали тие ќе се случуваат тука или ќе се случуваат во кабинетот на Владата, ние остануваме поддржувач како Влада на приватниот сектор, тоа е курс кој го имаше оваа Влада уште од нејзиното формирање“, истакна премиерот Ковачевски.
На состанокот Ковачевски, заедно со владиниот економски тим, вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори, Фатмир Битиќи, министрите за финансии Фатмир Бесими, за економија Крешник Бектеши, како и за труд и социјална политика Јована Тренчевска дискутираа со раководството на Стопанската комора на Северна Македонија за реализацијата на Планот за економски раст, кој се однесува на забрзување на домашните јавни и капитални инвестиции како и на странските стратешки инвестиции.
„Претставници на деловната заедница ги поздравија заложбите за се поголеми инвестиции во обновливи извори на енергија, унапредување на системот за транспорт на енергијата, инвестициите во инфраструктурата како и важноста од создавање на предвидлив деловен амбиент. Беше укажано дека е потребно законски да се забрза процесот на инвестициските активности пред сè во енергетиката како клучен проблем на компаниите“,
се наведува во соопштението.
Од бизнисот произлегоа и други предлози како на краток, среден и долг рок да се направат одредени чекори и во насока на надминување на проблемот со енергетската криза, велат од Владата.
Стопанската комора пред Уставниот суд прред неколку дена поднесе иницијатива за преиспитување на уставноста на законските измени на Законот за работни односи со кои се воведе правилото дека недела е ден за одмор односно неработна.
Од Комората го оспориле законот бидејќи сметаат дека е спротивен на слободата и пазарот на претприемништво.
Од Сојузот на синдикати велат оти неделата како ден за одмор ден е загарантирана со Уставот, притоа се забранува присилна работа, а секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Како што потенцираат, од тоа право работниците не смеат да се откажат, а работодавците не смеат да го ограничат.
Законските измени за недела неработен ден стапија во сила на 1 јануари годинава, откако претходно пратениците во Собранието ги изгласаа законските измени на 20 декември 2021.