Слетувањето во Баку, како што пишува агенцијата Танјуг, било поради немањето дозвола да го продолжи патувањето кон Москва поради војната меѓу Русија и Украина

Авионот со кој српскиот претседател Александар Вучиќ се упатил кон Москва за да присуствува на прославата на Денот на победата попладнево слетал во Баку, Азербејџан, пишуваат српските медиуми.
Слетувањето, како што пишува агенцијата Танјуг, е поради немањето дозвола да го продолжи патувањето кон Москва поради војната меѓу Русија и Украина.
„Сите земји претходно даваа дозвола за летот, но сега не можат да дадат дозвола поради борбени операции. Чекаме одобрение за продолжување на летот“,
пишува репортерот на Танјуг.
Embraer YU-SRB na letu ka Moskvi.✈️ pic.twitter.com/P6uHxNRYh9
— Peđa Vučetić (@Pedjijatar) May 7, 2025
Сепак, дел од медиумите објавуваат оти Вучиќ го продолжи патот кон Москва откако екипажот на неговиот авион доби дозвола да го продолжи летот.
Танјуг пишува дека московските аеродроми се затворени, а според податоците на страницата за следење на летови „Флајтрадар 24“, слетувањето на голем број авиони што било планирано за денес попладне се откажани.
Веб-страницата „Флајтрадар 24“ претходно покажа дека авионот „ембраер“ полетал денес од аеродромот во Белград и слетал во Баку.
Во претходните неколку дена, аеродромите во неколку руски града беа затворени поради напади од украински беспилотни летала.
Утрово српските медиуми информираа дека претседателот Александар Вучиќ отпатувал за Москва каде што е планирано да присуствува на парадата на победата на Црвениот плоштад.