Британски државјанин со камења нападна инспектори на УЈП на локалитетот Камени Кукли во Куклица, по години нелегално наплаќање влезници и уцени на туристи
Управата за јавни приходи (УЈП) најостро го осуди физичкиот напад врз нивните вработени, оценувајќи го како директен удар врз владеењето на правото, потенцирајќи дека даночните контролори не смеат да бидат мета на насилство и закани додека го штитат државниот буџет и побараа брза, јасна и најстрога правосудна разрешница за случајот кој ја бранува македонската јавност.
Инцидентот се случил пред два дена кога британски државјанин на возраст од 41 година физички нападнал со камења двајца даночни контролори од УЈП додека извршувале службена должност на туристичкиот локалитет „Камени Кукли“ во кратовското село Куклица, принудувајќи ги во паника да го напуштат местото со службеното возило кон кое исто така биле фрлани камења.
Инаку инспекторите вршеле теренски надзор на претходно поставените знаци за привремена забрана за вршење дејност на тој простор. Во позадината на овој сериозен инцидент е долгогодишен проблем со узурпација на овој познат природен феномен со оглед дека сопругата на напаѓачот (Стојна Димитровска Боотх од Кратово) подолг период со своето семејство неовластено наплаќала нелегални влезници без фискални сметки.
Поради агресивното однесување и нападот врз инспекторите, Основното јавно обвинителство Куманово веднаш отвори итна истрага за кривично дело „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“ и до надлежниот суд поднесе предлог за определување мерка притвор за британскиот државјанин поради опасност од бегство. Според член 382 од Кривичниот законик, за делото „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“ е предвидена максимална казна затвор до пет години доколку сторителот употреби сила или сериозна закана, додека ако при извршувањето на делото службеното лице биде малтретирано, навредувано или му биде нанесена телесна повреда, законот пропишува затворска казна од шест месци до пет години.
Општина Кратово уште во март добила правосилна судска пресуда за отстранување на узурпаторите, жалбата на тужените ја спречила локалната власт целосно да го преземе управувањето, па самоволието продолжило низ низа скандали кои со години ги револтираа домашните и странските туристи.
Локалитетот „Камени Кукли“ со години е во фокусот на јавноста поради револтот на туристите и на низата скандали со кои се соочувале домашните и странските посетители. Тие јавно сведочеа дека биле изложени на уцени, блокирање на возилата, па дури и заплашување со кучиња доколку одбијат да платат влезници од 10 до до 20 евра по лице за да пристапат до оваа заштитена природна реткост.
Откако реакциите добија поголем публицитет следуваше институционален одговор за да се спречи ова самоволие кое со години ја нарушува сликата за државата пред меѓународните туристи, по што УЈП започна интензивни контроли кои кулминираа со насилниот напад од страна на сопругот на узурпаторката.
