Додека советникот Нефи Усеини и неговиот брат беа недостапни за полицијата, Топалкоски, кој пријави дека бил физички нападнат, го смена исказот. Рече дека во расправијата не видел оружје и дека се работи за недоразбирање кое е надминато
Советникот од ДУИ, Нефи Усеини и неговиот брат, осомничени за насилство врз сограѓанин, претпладнево сами се пријавиле на капијата во затворот во Охрид, каде што треба да издржуваат мерка притвор.
Од затворот во Охрид за „360 степени“ велат дека браќата сами се пријавиле околу 11 часот и од денеска почнува да им тече 8-дневниот притвор.
Браќата Усеини шест дена беа во бегство откако судот им одреди притвор за инцидентот пред познат хотел во Охрид, во кој бил нападнат Спиро Топалкоски.
Топалоски во полиција пријавил дека врз него бил извршен физички напад, како и дека биле упатувани закани кон него и кон неговиот малолетен син со огнено оружје од страна на Усеини и уште неколку лица.
Но, додека тие беа во бегство, тој излезе со друга изјава во која рече дека написите што излегоа во јавноста се извадени од контекст. Топалоски изјави дека во расправијата не видел оружје, дека се работи за недоразбирање кое е надминато и дека Усеини бил и ќе биде негов пријател.
Браќата се осомничени за кривични дела насилство и неовластено држење оружје или распрскувачки материјали.