По низата дневни рекордни бројки на новозаразени со ковид-19 во земјата, албанскиот претседател Илир Мета ја изнесе сопствената загриженост за влошената состојба и побара од Владата да го зголеми буџетот за здравствениот сектор.
Исто така тој бара под итно преземање на сите потребни мерки и зголемување на болничките капацитети за интензивна терапија, набавка на потребните апарати и преземање на сè што е неопходно за третирање на заболените од коронавирус.
„Ништо не е поважно од животот на граѓаните“, порача Мета потенцирајќи дека секој граѓанин треба да биде совесен во спроведувањето на јавните препораки за носење маски, за почитување на физичката оддалеченост и максимална хигиена, бидејќи „најмала неодговорност не само што го загрозува нивното здравје и живот, туку и здравјето на нивните деца, родители, баби и дедовци, соседи и пријатели“.
„Многу е важно, особено во услови кога сме во екот на туристичката сезона, да покажеме максимална одговорност и соработка. Само на овој начин и благодарение на националната солидарност ќе можеме да ја надминеме оваа опасна пандемија со најмали можни последици, не дозволувајќи нејзина натамошна ескалација. Заедно да го заштитиме здравјето на секој граѓанин“,
напиша Мета на Фејсбук.