По првата рунда преговори за идното партнерство меѓу Велика Британија и ЕУ по „брегзит“, главниот европски преговарач Мишел Барние оцени дека засега разликите се многу големи, но дека сѐ уште верува во договор на крајот од преговарачкиот процес.
Денешниот брифинг, како што јавува МИА, е по серијата состаноци на британскиот и европскиот тим неделава предводени од Дејвид Фрост и Мишел Барние. Биле отворени единаесет поглавја, додека безбедноста и надворешните работи засега остануваат затворени.
Едно од несогласувањата е околу прашањата поврзани за конкурентноста на пазарите откако ќе заврши транзициската фаза на 31 декември годинава, и кога Обединетото Кралство ќе ги напушти царинската унија и заедничкиот пазар.
Според Барние, британската страна одбива да бидат ставени во официјален документ принципите на фер и слободна конкурентност ниту, пак, прифаќа воведување на механизми кои ќе овозможат надзор врз спроведувањето на овие принципи. Барние изјави дека Британците се согласуваат со принципот на фер конкурентност и задржување на високите стандарди на пазарот, но не разбира зошто во тој случај тие одбиваат тоа да биде ставено формално на хартија. Ова е прашање на доверба, рече европскиот преговарач.
Понатаму, Обединетото Кралство одбива по крајот на транзициската фаза да ги почитува одлуките на Европскиот суд за човекови права, и не прифаќа Европскиот суд за правда да биде одговорен за толкување на ЕУ правото, што претставува проблем за ЕУ во однос на идната полициска и судска соработка и заштитата на личните податоци на европските граѓани.
Риболовот останува, исто така, една од длабоките точки на тензија меѓу двете страни. За време на оваа прва рунда стана јасно дека Обединетото Кралство не сака договорот за риболовот да биде дел од економската спогодба со ЕУ, и бара да се постигнува согласност на годишно ниво за взаемниот пристап до водите на Северното Море.
И покрај овие предупредувања, главниот преговарач на европскиот тим увери дека првата рунда се одвивала во конструктивна атмосфера и верува дека на крајот ќе се изнајде компромис.