Мерките за посебен режим на сообраќај ќе бидат воведени на одредени сообраќајници во централното градско подрачје на Скопје, како и во општините Ѓорче Петров и Аеродром
По повод празникот Водици, утре (19 јануари) на територија на главниот град ќе важи посебен сообраќаен режим, информираат денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Мерките за посебен режим на сообраќај ќе бидат воведени на одредени сообраќајници во централното градско подрачје на Скопје, како и во општините Ѓорче Петров и Аеродром.
„Така, во периодот од 8:00 часот, па до завршувањето на манифестацијата по повод верскиот празник Водици, во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена улицата ‘Филип Втори Македонски’, на потегот од крстосницата со бул. ‘Гоце Делчев’ до крстосницата со улицата ’11 Октомври’ во двете насоки“,
велат од МВР.
Во Општината Ѓорче Петров, пак, од 8:00 часот изутрина затворени за сообраќај ќе бидат сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански одреди“, до ул.„Ѓорче Петров“, како и ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“.
Затворени за сообраќај ќе бидат сообраќајниците од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар.
Во Општина Аеродром, утре од 10 часот за сообраќај ќе биде блокиран локалниот пат кон селото Лисиче.
„Министерството за внатрешни работи апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите што ќе ги даваат униформираните полициски службеници по сообраќајницата каде што ќе се одвива настанот со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот“,
велат од Министерството.