Од Владата најавија дека започнуваат низа настани со кои ќе се одбележува 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор, под слоганот „По Охрид“
Заклучок од оваа владина седница е дека Охридскиот рамковен договор придонесе за зголемување на кохезивно општество, еднакво и едно општество за сите граѓани и заедници, како и за интеграцијата на Република Северна Македонија во НАТО и ЕУ
Во моменти кога соживотот и меѓуетничката толеранција беа ставени на најголемиот тест, покажавме дека проблемите ќе ги решаваме низ институционалниот систем и никако поинаку. Покажавме дека сакаме да живееме сложно и обединетo, да напредуваме сите заедно, порача премиерот Зоран Заев на денешната тематска седница на Владата посветена на 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор.
„И сето тоа беше постигнато во тесно партнерство со Европската Унија, Соединетите Американски Држави, НАТО и ОБСЕ. Денес тоа е и нивна успешна историја што заеднички ја одбележуваме“,
рече Заев.
Заклучок од оваа седница е дека Охридскиот рамковен договор придонесе кон зголемување на кохезивно општество, еднакво и едно општество за сите граѓани и заедници како и за интеграцијата на Република Северна Македонија во НАТО и ЕУ, велат од Владата.
Како што се наведува во владиното соопштение, Заев потсети дека еден од првите приоритети на листата на новоформираната Влада во 2017 година беше заокружувањето на нормативниот дел што произлегуваше од Охридскиот рамковен договор и од Амандманот 5 од Уставот на Република Северна Македонија.
„Тогашната Влада, во која министри беа и поголем дел од овој, актуелен состав на извршната власт, ја исполни обврската која непотребно се одолговлекуваше од сите претходни влади и го донесе Законот за употребата на јазиците. Со Законот за употреба на јазиците, како и со сите останати законски измени и подзаконски акти за правична застапеност, се заокружија одредбите од Охридскиот рамковен договор, кој беше потпишан на 13 август во 2001 година и со кој се стави крај на конфликтот и кој беше прифатен како гаранција дека сите прашања од интерес на заедниците во нашата земја ќе се решаваат низ дијалог и низ институциите“,
истакна премиерот Заев.
Со Охридскиот рамковен договор, додаде Заев, нашата држава е постабилна и побезбедна, со загарантирана меѓуетничка толеранција и посилна социјална кохезија. Заедно се развиваме како држава во која шансите за благосостојба се еднакви за сите, како членка на НАТО и идна членка на ЕУ, порача премиерот.
„Се определивме за политики што ја градат Република Северна Македонија како граѓанска држава на сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници. Прифативме дека Македонците, како мнозински народ во нашата земја, имаат одговорност да креираат политики и атмосфера за негување, заштита и унапредување, афирмација и поддршка на употребата на сите останати јазици на припадниците на граѓаните кои живеат во нашата земја“,
потенцираше премиерот Заев.
Низа настани под слоганот „По Охрид“
На оваа седница Владата ја разгледа и усвои Програмата за одбележување на манифестацијата за 20-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Првиот вицепремиер, Артан Груби, информираше дека во организацијата на Владата започнуваат низата настани под слоганот „По Охрид“.
„По серијата активности во повеќе градови во кои ќе бидат вклучени повеќе институции, централниот настан ќе се одржи на 13 август, на денот кога беше потпишан Охридскиот рамковен договор. На тој настан, организиран во соработка со Универзитетот Колумбија од Њујорк е потврдено учеството на државниот врв, но и на пријателите од меѓународната заедница, како и на протагонистите кои учествуваа во процесот на постигнување на Охридскиот рамковен договор, како што се Питер Фејт, Дејвид Слин, Роберт Сери, Бренда Пирсон, Пол Вилиамс, Дејвид Филипс и други“,
се вели во соопштението на Владата.
Груби во своето обраќање истакна дека договорот донесе мир, го промени Уставот и општеството и ги отвори евроатлантските перспективи.
Тој информираше и дека во соработка со консултантите ангажирани од ЕУ, кои работат на реорганизацијата на државната управа, подготвен е, како што вели, модерен предлог-закон за работата на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците кое ќе биде надградено во мало, ефективно министерство што ќе се грижи за правата на сите заедници, не само етнички, туку и на сите други.
На предлог на Груби, Владата на оваа тематска седница ги усвои заклучоците, според кои, се констатира дека нормативниот дел на Охридскиот рамковен договор е усвоен од страна на институциите на Северна Македонија и спроведувањето на законските одредби е постојан секојдневен процес што се одвива непречено.
На седницата се обрати и шефот на дипломатијата, Бујар Османи, кој истакна дека „Охридскиот рамковен договор е политички бисер што ги премина сите граници кај нас, но беше и внатрешна сила која не подготви да се соочуваме со надворешните предизвици, како и база за потпишување на двата други договори со Бугарија и Преспанскиот договор со Грција“.
Според министерката за одбрана Радмила Шекеринска, силата на Охридскиот договор е во тоа што и покрај уставните одредби и покрај законските обврски кои даваа права на заедници, тој успеа да создаде политичка клима на заедништво и на една држава која има внатрешна кохезија.
Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, забележа дека во рамки на одбележувањето на 20-годишниот јубилеј, кулминацијата е на 13 август со заедничкиот настан со универзитетот Колумбија на којшто ќе дојдат многу од директните учесници во смирувањето на кризата и градењето на оваа заедничка куќа. Еден од столбовите е токму Охридскиот договор, рече Димитров.