Во очекување сме на реализација, веќе е потпишан и договорот со изведувачи, на инсталација на најсовремена опрема во најмалку 12 јавни здравствени установи, почнувајќи од мамографи, дигитални ренген апарати, па до ангиографи и компјутерски томографи, вели министерот за здравство
Чекање по неколку месеци за мамографија ќе има само до крајот на годинава, најави министерот за здравство Беким Сали. Тој тврди дека од Нова година никој нема да чека за снимање и пациентите од другите градови нема да мораат да доаѓаат за здравствена услуга во Скопје оти во тек е набавка и инсталирање опрема во најмалку 12 здравствени установи.
„Ваквата приказна ќе ја имаме до крајот на оваа година. Од јануари нема да разговараме дали мамографи има во Неготино, дали ќе се снима во Струга, дали ќе може да се добие услуга во Штип. Во очекување сме на реализација, веќе е потпишан и договорот со изведувачи, на инсталација на најсовремена опрема во најмалку 12 јавни здравствени установи, почнувајќи од мамографи, дигитални ренген апарати, па до ангиографи и компјутерски томографи. Така да во очекување сме на реализација, работиме напорно во сите установи, градежните работи се во тек и овие проблеми што ги имаме ќе бидат до крајот на годината“,
рече Сали.
Според него проблемот е последица на една деценија можеби и деценија и пол во која нерационално се инвестирало и во опрема и во распределба на здравствените услуги.
„Затоа денес пациенти од внатрешноста од сите градови патуваат до Скопје за да добијат една здравствена услуга“,
додаде Сали.
Застоите во закажување снимања кои се јавуваат, според министерот, се поради опремата која е амортизирана, дотраена и неопходни се чести сервиси.
„Тие периоди на сервисирање ни предизвикуваат пореметување на листата на опслужување на пациенти каде што функционира опремата“,
вели Сали.
Таквите проблеми министерот Сали уверува дека ќе бидат надминати по Нова година, кога ќе почне да се употребува новата опрема за која е веќе обезбеден и кадар оти распределбата на опремата се вршела според расположливиот кадар.
Министерот Сали уверува и дека нема да се повтори праксата на купување опрема и нејзино оставање по магацини со години, опремата веднаш ќе ја пуштаат во употреба