Иако Лашет и ЦДУ најавија дека ќе се обидат да формираат влада, СПД веќе ги почна преговорите. Социјалдемократите, кои за канцелар го номинираа Олаф Шолц, денеска имаа средби со зелените и либералите и ги оценија како „добри“
Лидерот на германските конзервативци Армин Лашет денеска ја најави својата оставка од раководството на ЦДУ, по изборниот пораз на неговата партија на парламентарните избори во септември, на кои беше кандидат за канцелар.
„Многу брзо ќе се справиме со прашањето за новиот тим на ЦДУ“,
рече тој во Берлин.
Помалку од една година откако го презеде раководството на партијата од Ангела Меркел, Лашет кажа дека ќе се обиде да одржи конгрес на ЦДУ на кој ќе се одлучува за иднината и реорганизацијата на лидерството.
„Од повлекувањето на Ангела Меркел од претседателската функција, имаме постојана дебата за правецот на делување на партијата“, додаде тој.
Весникот „Билд“ денеска јави дека конгресот треба да се одржи во првата половина на декември во Дрезден.
На парламентарните избори, Социјалдемократската партија на Германија (СПД) освои најмногу – 25,8 проценти од гласовите. ЦДУ/ЦСУ беше втора со 24,1 отсто од освоените гласови, партијата на Зелените имаше 14,8, а Либералите од ФДП 11,5 проценти.
Иако Лашет и ЦДУ најавија дека ќе се обидат да формираат влада, СПД веќе ги почна преговорите. Социјалдемократите, кои за канцелар го номинираа Олаф Шолц, денеска имаа средби со зелените и либералите и ги оценија како „добри“, а генералниот секретар на СПД, Ларс Клингбејл изјави дека планот е да продолжат и да се продлабочат разговорите.
Лидерот на либералите, Кристијан Линднер, како што пренесе „Билд“, видно расположен ја напуштил средбата, а генералниот секретар и на оваа партија, Фолкер Висинг, потврди дека разговорите поминале добро.