Оставка од Владата веднаш, побара денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по веста од синоќа – дека полицијата не може да го најде ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, за да му го врачи решението со кое му е определен куќен притвор.
Во кус статус на Фејсбук, Мицкоски побара демисија од кабинетот на Заев, притоа не осврнувајќи се конкретно на исчезнувањето на Мијалков, ама со алузија во таа насока.
„Одамна реков, мафијата има своја држава. Нема дно кое не го пробија. Оставка на Владата веднаш“,
напиша Мицкоски.
Мицкоски на својот профил на Фејсбук објавува и дел од своето вчерашно обраќање пред Унијата на жени, каде што тој укажува на поврзаност меѓу СДСМ и Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сите се качија на еден ист брод, се собра дружината. Уценуваните и уценувачите. А Заев, сакајќи да ѝ наштети на ВМРО, си стави уште еден тег на ногата. Епа Заев, со здравје да си ги носиш. Си одговарате и по криминалот и по нечесноста. Ви кажувам, сега доаѓа ураганот од народ, кој ќе го потопи тој брод на кој сте собрани топтан. Доста е“,
пишува Мицкоски.