Вархеји минатата недела беше во Бугарија каде што разговараше за надминување на бугарската блокада за почеток на преговорите со Северна Македонија во ЕУ
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји в среда ќе отпатува за Скопје, јави МИА од Брисел повикувајќи се на информација потврдена од Европската комисија.
Програмата на посетата сѐ уште се финализира, но извесно е дека тој ќе се сретне со премиерот Зоран Заев.
Вархеји минатата недела беше во Бугарија каде што разговараше за надминување на бугарската блокада за почеток на преговорите со Северна Македонија во ЕУ.
Тоа беше второ патување на Вархеји во Софија годинава. Тој на 21 мај беше во посета на Бугарија заедно со шефот на португалската дипломатија Аугусто Сантос Силва, каде што на средби со бугарските политичари разговараа за португалскиот предлог за решавање на спорот помеѓу Софија и Скопје. Тогаш тие беа во посета и на земјава.
- Силва и Вархеји во посредничка мисија во Скопје и Софија
- Стоев по средбата со Силва и Вархеји: Не може да се очекува Бугарија да ја промени позицијата за С Македонија
- Заев: Предлогот на Вархеји и Силва е добра основа за решение на спорот со Софија
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, за време на Стратегискиот форум во Блед на 1 септември, за БНТ изјави дека притисокот врз Бугарија во наредните месеци на тема Република Северна Македонија ќе продолжи да се зголемува.
Ден пред Вархеји во Скопје ќе биде и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, таа исто така ќе разговара за спорот со Бугарија и негово надминување.
Премиерот Зоран Заев вели дека разговорите со Бугарија продолжуваат и оценува дека се направени чекори за решавање на проблемот. Во интервју за виенски „Стандард“, кое викендов го пренесе владината прес-служба, Заев изрази очекување дека е можно да се постигне придвижување пред Божиќ, односно на Советот на ЕУ на 22 декември, бидејќи Бугарија дотогаш ќе избере нов парламент на 14 ноември, а вториот круг од претседателските избори таму ќе се одржи една недела подоцна.