Илјадници луѓе во Вухан ги преплавија продавниците во паника бидејќи, по првпат по една година, во градот беа регистрирани нови случаи на коронавирусот.
Жителите за кратко време ја разграбаа стоката од полиците во супермаркетите. Тие стравуваат дека поради зголемувањето на бројот на новозаразени повторно ќе има карантин. Жителите на Вухан сакаа да се обезбедат навреме и да ги снабдат своите домаќинства со неопходните продукти, пренесува news.com.au.
Официјалните лица се обидоа да ја смират ситуацијата, велејќи дека продавниците ветуваат дека понудата на стоки ќе биде стабилна. На социјалните мрежи и во светските медиуми кружат многубројни фотографии од турканици во супермаркетите.
Луѓето стојат во долги редици и чекаат да платат за купената стока. На фотографиите може да се видат и празни полици. Може да се види дека купувачите носат заштитни маски, но дека правилата за одржување социјална дистанца во овој случај не се почитувани.
Масовно тестирање започна во градот, каде што болеста по првпат беше откриена кон крајот на 2019 година. Главниот град на провинцијата во централна Кина, каде што живеат 11 милиони луѓе, ќе го тестира целото население откако во вторникот беа пријавени 8 нови случаи.
Вухан, кој му даде увид на светот за првите блокади кога започна пандемијата, нема пријавено нови случаи на коронавирус од средината на мај минатата година. Неговото строго, но успешно затворање на 76 дена го шокираше светот, но рецептот го применија и други земји низ светот.
Кина го намали локалниот пренос на вирусот на речиси нула, дозволувајќи ѝ на економијата да закрепне и животот во голема мера да се врати во нормала. Но, новата епидемија го загрози тој рекорд, бидејќи делта-сојот се прошири во 20 града во повеќе кинески провинции.