Ординацијата во оваа скопска населба, која со години не може да го реши ова прашање, ќе ја води д-р Божидар Бошковски
Последна што се грижеше за репродуктивното здравје на жените во Шуто Оризари беше гинекологот Вјолце Мбјара, која во јануари годинава ја пресели ординацијата во Ченто
Од 2007 до 2017 година во Шуто Оризари немаше гинеколог
Д-р Божидар Бошковски ќе биде гинекологот што ќе ја води ординацијата во скопската населба Шуто Оризари. Ова на социјалните мрежи денеска го соопшти министерот за здравство Венко Филипче и следува по континуираните повици од невладините организации, посебно оние што се занимаваат со унапредување на правата на жените Ромки, дека во оваа населба со години нема гинеколог, што го загрозува нивното здравје.

Жените од Шуто Оризари ќе добијат гинеколог. ? Д-р Божидар Бошковски е искусен гинеколог, кој ќе се грижи за нивното…
Posted by Венко Филипче on Friday, October 2, 2020
„Сите жени од Шуто Оризари сега ќе имаат гинеколог, кој ќе се грижи за нивното здравје. Д-р Бошковски е искусен гинеколог, кој ќе им биде на располагање на сите пациентки од оваа општина. Проблемот со недостигот на гинеколог во Шуто Оризари го решивме. Најважното е тоа што пациентките ќе можат навремено да ги извршуваат своите гинеколошки прегледи. Продолжуваме и понатаму да водиме грижа и вистинска здравствена политика за сите пациенти“,
соопшти министерот Филипче, кој објави и фотографија од средбата со докторот Бошковски.
Десет месеци без гинеколог
На крајот на минатиот месец Иницијативата на жени од Шуто Оризари упати реакција поради немањето матичен гинеколог во Шуто Оризари и алармира за квалитетот на репродуктивното здравје на Ромките од Шуто Оризари.
Во нивната реакција се посочува дека заминувањето на матичниот гинеколог од општина Шуто Оризари во јануари 2020 година е огромен проблем за жените од оваа општина, каде што бројот на жени во репродуктивен период е помеѓу 8 000 и 13 000, а има и значително повисока стапка на доенечката смртност во однос на другите националности.
Реакцијата на оваа Иницијатива е поттикната особено од последниот случај со починатата родилка и нејзиното бебе од оваа населба, која по прегледот на ГАК каде што побарала помош била советувана да си замине дома и да се јави на преглед за неколку часа. Но бремената жена набрзо почнала да крвави, по што следува фатален исход.

Последниот гинеколог што имаше ординација во оваа скопска населба беше Вјолце Мбјара, која пред три години зеде под концесија амбуланта во поликлиниката во оваа населба. Но таа на крајот на јануари ја пресели ординацијата во населбата Ченто.
Од Иницијативата на жените Ромки веднаш побараа од министерот Филипче да помогне да се најде нејзина замена.
Пред доаѓањето на Мбјара во 2017 година, во Шуто Оризари немаше гинеколог од 2007 година. Дури во 2017 година на предлог на тогашниот министер Арбен Таравари, Мбјара отвори ординација.
Министерот Филипче вчера на средбата со гинекологот Бошковски договорил и локација за ординацијата која ќе ја опреми Министерството.
