Од 23 часот вечерва повторно ќе биде дозволено да се служи алкохол во рестораните, а ќе се укине и ограничувањето на бројот на гледачи на активностите, вклучително и театрите и спортските натпревари
Норвешките власти планираат од 17 февруари да ги укинат сите мерки против коронавирусот.
Премиерот на Норвешка, Јонас Гар Стере, на прес-конференција најави дека денеска во 23 часот ќе се ублажат мерките против ковид, а ќе бидат укинати на 17 февруари.
„Од 23 часот вечерва повторно ќе биде дозволено да се служи алкохол во рестораните, а ќе се укине и ограничувањето на бројот на гледачи на сите активности, како театри и спортски натпревари“,
рече Стере.
Тој додаде дека високата стапка на вакцинирани против ковид е голем успех во борбата против пандемијата и дека доколку нема неочекувани ситуации, сите мерки ќе бидат укинати од 17 февруари.
Во Норвешка, на 25 септември 2021 година, беше објавено дека ширењето на инфекцијата со коронавирус е под контрола и дека сите мерки се укинати. Тогаш бројот на заразени излезе од контрола, па рестрикциите беа повторно воведени на 12 ноември.
Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека бројот на починати од ковид во Норвешка е зголемен на 1 440, а на заразените на 781 049.
И данските власти претходно донесоа одлука за исклучување на ковид-19 од категоријата критични болести, а од денеска се укинуваат сите ограничувања во таа земја.
Шефот на СЗО за вонредни ситуации, Мајк Рајан ги повика државите самостојно да го трасираат својот пат за излез од пандемијата, а не слепо да ги следат другите и да ги ублажуваат рестриктивните мерки.
Директорот на Светската здравствена организација Тедрос Адана Гебрејесус, пак, предупреди дека се уште не е време да се прогласи победа над ковид-19 и да се укинат епидемиолошките мерки.