Ако брзо ја отворите вратата, подобро би било и да можете да ја затворите прилично брзо
Многу земји не го достигнаа врвот на епидемискиот бран на високо преносливата oмикрон варијанта на коронавирусот и затоа мерките за сузбивање на неговото ширење треба постепено и внимателно да се ублажуваат, изјави денеска Марија Ван Керхове, шефица на техничкиот оддел за ковид- 19 во Светската здравствена организација.
Шефот на СЗО за вонредни ситуации, Мајк Рајан ги повика државите самостојно да го трасираат својот пат за излез од пандемијата, а не слепо да ги следат другите и да ги ублажуваат рестриктивните мерки.
„Ако брзо ја отворите вратата, подобро би било и да можете да ја затворите прилично брзо“,
предупреди Рајан.
Директорот на Светската здравствена организација Тедрос Адана Гебрејесус, пак, предупреди дека се уште не е време да се прогласи победа над ковид-19 и да се укинат епидемиолошките мерки.
„Прерано е да се предадеме или да прогласиме победа во која било земја“,
рече Гебрејесус на прес-конференција, изразувајќи загриженост поради порастот на смртните случаи од инфекција со коронавирус во поголемиот дел од светот.
Неговиот повик за претпазливост доаѓа во време кога некои земји размислуваат да се вратат во животот како што беше пред пандемијата, како на пример Данска.